Земете го најзапалениот можен револуционер и ставете го на серускиот престол, или дајте му диктаторска власт, и тој за една година ќе стане полош и од Александар Николаевич

Томас Киркуп во својата историја за социјализмот вели дека анархистичката теорија е комплетно развиена од руските мислители и големиот „апостол“ на анархистичкиот систем Михаил Бакунин. Според истиот автор, теоријата на Бакунин е револуционерен социјализам, кој се стреми кон „уништување на надворешниот авторитет со сите можни средства“.
Михаил Бакунин е противник на секоја вера и на секоја црква. Во посланица со наслов „На моите млади браќа во Русија“, Бакунин го препорачува Стењка Разин како примерен водач на народното востание.
Бакунин најголемиот дел од својот живот им посветил на обидите да ја разори руската царска држава, како впрочем и секоја држава, воопшто. Од тие причини, со сите сили настојувал да основа една тајна организација, која ја споредувал со штаб на револуционерната војска, со тоа што војската, според неговата замисла, требало да биде целиот народ. За Бакунин, во политичката борба биле дозволени сите средства. Опишувајќи го својот идол Стењка Разин како човек од железо, кој немал милост ниту кон себеси ниту кон другите, Бакунин вели дека неговиот метод на политичко пресметување бил многу едноставен: „Стењка Разин ги убивал сите луѓе што не му припаѓале на народот“. Единствената забелешка што ја имал Бакунин за Разин било тоа што неговиот бунт немал никаква политичка организација, односно народот е свесен за својата сиромаштија и има стихијна сила, но стихијната сила без организација не е вистинска сила. Во организациски поглед, Бакунин се угледал на старешината на језуитскиот ред Иганцио Лојола.
Според Бакунин, тајната револуционерна организација мора да биде организирана на цврста безусловна дисциплина, односно на безусловно потчинување на секој нејзин член на наредбите на еден единствен комитет, кој знае сѐ и кој на сите припадници на организацијата им е целосно непознат. Членовите пак на комитетот, како језуити, според Бакунин, се откажале дури и од својата сопствената волја.

Бакунин создал голем број дела од филозофска и политичка природа. Сопственото учење за правото и државата го именува како анархизам. Тој ги отфрла сите легислативи, сите авторитети, сите привилегии, дури и оние што се создадени од универзалното право на глас. Според Бакунин, државата е историско неопходно зло, преодна форма на општеството и секоја нација, провинција и комуна има неограничено право на целосна независност. Бакунин исто така се залага земјата, инструментите на трудот и преостанатиот капитал да бидат во колективна сопственост на општеството. Оттука, Бакунин истакнува: „Јас не сум комунист, туку колективист“ и општеството треба да биде организирано оддолу нагоре, врз принципот на слободен сојуз, а не одгоре надолу, врз основа на авторитет. Бакунин проповеда дека револуцијата уште првиот ден треба комплетно и „целосно да ги уништи државата“ и нејзините институции.
Образложувајќи ја потребата од укинување на секоја државност, Бакунин не еднаш се повикал на своето гледање на коруптивното дејствување на власта, најпластично и најпрецизно искажано во неговиот труд „Науката и насушната револуционерна работа“, каде што истакнува: „Земете го најзапалениот можен револуционер… и ставете го на серускиот престол, или дајте му диктаторска власт, и тој за една година ќе стане полош и од Александар Николаевич“. За оваа процена на моќта на властодржечките пориви, Бакунин наоѓал објаснување во човековата природа.

Според Бакунин, „човековата – природата на секој човек… е таква, што ако му дадете власт над вас, тој задолжително ќе ве угнетува и ќе се претвори во подлец“. Токму затоа укинувањето на секоја државна власт за Бакунин е единствен услов за моралноста на сите луѓе, без никакви исклучоци.
Бакунин исто така ја согледал главната слабост на концептот за диктатура на пролетаријатот. Осврнувајќи се на оваа Марксова доктрина, Бакунин во своето дело „Државност и анархија“ ја подложува на критика, истакнувајќи: „Марксистите тврдат… дека државниот јарем, диктатурата, е неопходно средство за целосно народно ослободување. Анархијата или слободата се цел, државата или диктатурата средство“. Следствено, Бакунин иронично заклучил дека „народните маси најпрво треба да се поробат за да можеме потоа да ги ослободиме… Секоја диктатура… може да има за цел да се овековечи себеси, а слободата може да се постигне единствено со помош на слободата“.