Нов мистериозен метален монолит беше откриен на планина во американската сојузна држава Калифорнија, една недела откако оригиналниот монолит откриен во пустина во американската сојузна држава Јута исчезна, пренесува „Гардијан“. 

Локалниот весник на градот Атаскадеро објави дека мистериозниот монолит е поставен на врвот на планината Пајн, каде што локалните планинари оделе да го видат и фотографираат. 

– Чудниот обелиск, кој е со три страни, изгледа е направен од челик, висок е речиси три и пол метри и широк 45 сантиметри – објави весникот.

Но, за разлика од неговиот претходник во Јута, кој беше цврсто поставен, овој монолит е малку нестабилен и весникот објави дека е можно да падне или да биде бутнат.

Властите на Јута првпат го забележаа чудниот објект на 18 ноември при рутински прелет со хеликоптер над пустината Ред Рок. Монолитот не се гледал на сателитските снимки од 2015 година, а се појавува во октомври 2016 година. Потеклото и значењето на монолитот остануваат непознати и многумина веруваат дека станува збор за концептуално уметничко дело, за кое никој досега не презел одговорност.

Метален монолит, речиси идентичен со оној откриен во Јута, се појави во Романија во близина на тврдината Петродава, на ридот Батка Доамнеи во градот Пјатра Неамт.