Бермудскиот триаголник е една од најголемите мистерии на модерното време. Исто така го нарекуваат и ѓаволски триаголник, а се наоѓа во северниот дел на Атлантски Океан, помеѓу Бермудските Острови, Флорида и Порторико.

Во последните сто години, најмалку илјада животи се изгубени во Бермудскиот триаголник. Во оваа област, во просек секоја година исчезнуваат четири авиони и дваесетина брода. Називот „Бермудски триаголник“ го измислил Винсент Гадис и го навел во напис од 1964 година.

Исчезнувањата на леталата и бродовите многупати биле протолкувани како напади од вонземјани, поради присуството на изгубената Атлантида на морското дно и на метан. Многумина, пак, веруваат дека мистериозните исчезнувања се производ на вител што настанува при мешање на топлите и на ладните мориња во оваа област.

Првиот што пишуваше за Бермудскиот триаголник беше Кристофер Колумбо. Во својот дневник од 8 октомври 1492 година, тој напишал дека во оваа област компасот на бродот престанал да работи, а три дена подоцна забележал огнена топка на небото.

Бермудскиот триаголник зафаќа површина од 1.140 квадратни километри во северниот дел на Атлантски Океан помеѓу Бермуда, Флорида и Порторико. Сепак, неговите граници не се фиксни, така што необични настани се случуваат и надвор од овие рамки.

Во рамките на триаголникот, односно на островот Андрос, американската влада го формираше Центарот за тестирање и процена на Атлантикот, каде што морнарицата на САД ги тестира своите подморници, хидролокатори и оружје. Многу теоретичари на заговор веруваат дека ова е, всушност, наутичкото подрачје 51.

Во Бермудскиот триаголник, луѓето доживеале таканаречена електронска магла. Пилотот Брус Гернон тврдел дека изгубил 28 минути додека патувал низ областа. Авионот исчезнал од радарот и се појавил во Мајами околу половина час подоцна.

Едно од најпознатите исчезнувања на летала во историјата на Бермудскиот триаголник се случило во 1945 година. Пет торпедски бомбардери „авенџер“ на американската војска, со 14 члена на екипажот, летаа од Форт Лодердејл, Флорида, до островот Бимини. Околу 90 минути по полетувањето, операторите добиле сигнал дека компасот за летање не работи. Потоа целата комуникација била изгубена. Авионите никогаш не се пронајдени, како ни трите авиони што тргнале во спасувачка мисија.

Познато е дека компасите го покажуваат магнетниот, а не вистинскиот географски север на Земјата. Но Бермудскиот триаголник е едно од ретките места каде што ситуацијата е обратна, што создава забуна за многу бродови и авиони во околината.