Фото: Архива

Режисерот Милчо Манчевски повторно ќе се здружи со „Банана филм“ и со британската продуцентска куќа „Скала продакшнс“ за неговиот следен филмски проект, црната комедија „Кајмак“, објави „Вараети“.

Манчевски претходно сораборуваше со „Банана филм“ и со „Скала продакшнс“ на снимањето на филмот „Врба“, кој беше македонски кандидат за „оскар“.

Во тек е кастингот за „Кајмак“. Филмот е во копродукција на Мета Луиз Фолдергер Соренсен и Мете Берх од „Мета филмс“ во Копенхаген и Иван Дојков од „Даре филмс“ во Софија.

 – Во „Кајмак“ се предизвикува општоприфатената идеја за тоа што се смета за „нормална“ љубовна врска. Филмот е за следењето на вашето срце и каде тоа ве води. Тој е за табуата и за одлуките кои ги носиме во животот, и за тоа како тие се враќаат кон нас, за да нè прогонуваат и инспирираат, за да нè повредат и да нè однесат на нови места – вели Манчевски, кој го напиша и сценариото за „Кајмак“.

Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Данскиот филмски институт, Бугарскиот филмски центар и Македонската национална радио-телевизија. Во тек се разговори и со други потенцијални партнери.