Нашиот најпознат и најплоден афористичар, Миле Ѓорѓијоски, денес на Коларчевиот универзитет во Белград, заедно со колегите од Србија и странство, ќе ги засмејува жителите на српската метропола, Белград, како единствен претставник од земјава на еден Новогодишен сатирикон во досегашните 37 одржани.

Тоа е комплимент повеќе за нашиот афористичар, кој се етаблира и надвор од границите на земјава.

-Навистина сум почестен што сум поканет да бидам дел од Новогодишниот сатирикон во Белград, што ќе се одржи на 26-ти овој месец во салата на Коларчевиот универзитет. На годинешниот 38 Новогодишен сатирикон, ќе земат учество најпознатите српски афористичари и хумористи, Љубивоје Ршумовиќ, Дејан Патаковиќ, Витомир Теофиловиќ, Драгутин Миниќ-Карло и многу други, како и афористичари од странство, а во тоа одбрано друштво и јас ја имам таа чест да презентирам дел од своите многубројни афоризми, како единствен претставник од земјава и првиот учесник на еден сатирикон во изминатите 37 години. Инаку Новогодишниот сатирикон го организира Афористичкиот клуб од Белград, а истиот ќе започне во 19,30 часот – истакна Миле Ѓорѓијоски, кој ја најави скорешната промоција на втората заедничка книга на група автори „Трагачи по парадокси“, која излезе од печат пред два дена.

З.А.