Мечот што го носел Наполеон Бонапарта кога извршил државен удар во 1799 година, викендов ќе биде понуден на продажба заедно со уште пет оружја што му припаѓале на францускиот император, објави американската аукциска куќа „Рок ајленд“, пренесуваат светските медиуми.

Вредноста на предметите кои од 3 до 5 декември ќе бидат понудени на аукцијата се проценуваат меѓу 1,5 и 3,5 милиони долари.

Според аукциската куќа која продажбата ќе ја организира паралено во своите простории во американската сојузна држава Илиноис и онлајн, мечот со футрола е највредниот предмет во колекцијата.

Оружјето го изработил Николас-Ноел Буте, тогашниот директор на државната фабрика за оружје во Версај.

Се верува дека по крунисувањето на Наполеон како император, тој мечот му го дал на генералот Жан Андош Жуно, но сопругата на генералот подоцна била принудена да го продаде за да отплати долгови.

Американски колекционер бил неговиот последен сопственик.

Во мај годинава, Франција ја прослави 200-годишнината од смртта на Наполеон.