Фото: Зденко Петровски

Скопскиот прогресив-метал состав „Метаноја“, е победник на годинешново издание на „Рок фест“, а Виктор Захариев, гитаристот на групата „Фикшн“ од Скопје, е прогласен за најдобар инстурменталист.

Веднаш по завршувањето на свирката, на Захариев му беше врачена нова електрична гитара „Јамаха – Пацифика“ од музичкиот салон „До-ре-ми“.

Фото: Зденко Петровски

Натпреварувачката вечер на „Рок фест 2018“, се одржа синоќа во Младинскиот културен центар во Скопје, каде силите ги одмерија петте бендови: „Саундвејвс“ од Битола и скопските „Фикшн“, „Антарт“, „Конспираси“ и „Метаноја“.

Додека траеше пребројувањето на гласовите, на сцената свиреше групата „Гаргојлес“.

Сите пет бенда кои беа во натпреварувачкиот дел, покажаа одлични квалитети, а за изборот за победник влијаа само мали нијанси. Речиси сите групи и музичари кои вчеравечер настапија, не се разликуваа драстично во квалитетот, што е одличен показател дека оваа генерација на бендови навистина има што да понуди. Единствената разлика беше во стилот на музиката, што исто така е доказ дека андерграундот не треба секогаш да се поврзува со хеви-металот, туку и со останатите музички правци.

„Саундвејвс“ и „Фикшн“ презентираа одлична свирка, а нивната музика е во рамките на моќниот рокенрол со големи примеси на инди и добри гитарски делници. Токму гитаристот на „Фикшн“, Виктор Захариев, беше највпечатлив, и со полно право беше прогласен за најдобар инстурменталист. Групата „Антиарт“ во која членуваат музичари кои веќе имат подолго искуство, сепак реши промоцијата на својот нов бенд да ја направат на „Рок фест“. Тие прикажаа голем професионализам од музичка гледна точка. По нивниот настап, следуваше блок од два бенд, кои свират малку помоќна музика, односо музика која е во рамките на металот. „Конспираси“ очигледно е новиот бенд од кој во иднина се очекува многу повеќе. Момците имаат јасна визија за тоа како треба да звучи еден метал состав. Со сличен музички стил се претстави и „Метаноја“, чија музикa се базира на прогресивниот метал. Групата имаше одличен сценски настап, а неколкуте песни што ги отсвиреја оставија најголем впечаток кај публиката.

За победникот на „Рок фест“ одлучија збирот на гласовите од публиката и од жирито, а токму „Метаноја“ добија најмногу гласови и од двете страни.

Покрај свирката, публиката имаше можност да го погледне и документарниот филм „Рокенролер борн лузер“, по сценарио и режија на Аљоша Симјановски, како и ретроспективната изложба на фотографии, која ќе биде отворена до крајот на фестивалот.

„Рок фест“, продолжува вечерва и утревечер со концертите од ревијален карактер. Вечерва на сцената ќе бидат домашните состави „Визија“ и „Стил темпл“ како и гостите од соседството, „Резистанс“ од Грција и „Патријас“ од Србија. В недела пак, ќе свират три македонски бендови, „Морфеј“ од Куманово, како и скопските „Блек енд вајс соушл клаб“ и „Никеја“.