Понекогаш сме свои најголеми непријатели без да бидеме свесни за тоа. Дали ви се случило и покрај силната желба да направите нешто, сепак да не го направите тоа? Психолозите веруваат дека проблемот е во менталната структура на една личност, односно во нејзиниот начин на размислување. Когнитивниот психолог Аманда Краул оваа состојба ја нарекува дефанзивен неуспех, кога сакате да постигнете нешто и постојано размислувате за тоа, но никако да се одлучите да го реализирате.
Таа верува дека тука не станува збор за мрзливост или за недостиг од волја, туку за три ментални блокади што ја држат личноста заклучена во еден маѓепсан круг на дефанзивен неуспех. Краул ја претстави својата теорија на конференцијата ТЕД (Технологија, забава и дизајн). Покрај дефинирањето на менталните блокади, таа открива и како да ги надминеме.

1. „Не верувам дека можам да го направам тоа“

Според Краул, докажано е дека визуализацијата на успехот помага да се реализира истиот тој и обратно – визуализирањето на неуспехот доведува до неуспех. Ако веруваме дека нешто не можеме да направиме, сосема е сигурно дека не можеме или дека нема ни да се обидеме. Таа тврди дека верувањето дека не можеме да сториме нешто најчесто е неосновано и постои само во нашата глава.
– Верувате дека некои луѓе се талентирани или генетски предиспонирани за нешто, а вие не сте. Ако навистина верувате во тоа, имате проблем – објаснува психологот.
За да се надмине оваа блокада, таа вели дека треба да разбереме дека грешките не се аргумент да не се обидеме. Грешките ни помагаат да се развиваме и да растеме.
– Секогаш сакам да се потсетувам дека неуспесите што ги доживеав се случиле за мене, а не ми се случиле мене – вели Краул, советувајќи дека треба да изградиме „резервоар на реалноста“, база каде што ќе ги собереме сите наши успеси и во која ќе се нурнеме кога ќе ни требаат поттик и охрабрување.

2. „Луѓето како мене не се добри во тоа“

Краул открива дека и самата паднала во оваа стапица кога станала претприемачка затоа што чувствувала дека не е талентирана за јавни настапи, дека е слаба во новите технологии и дека никогаш не би била добра во тоа. Според неа, овој проблем лесно се решава. Треба само да се поврземе со луѓе што се слични на нас, да го правиме она што го сакаме и да разговараме со нив.
– Се поврзав со професионални говорници и научив дека производот може да се продава на многу начини што ми одговараат, само ако ги надминам своите блокади – објаснува Краул за „Инк.ком“.
Таа додава дека запознала многу луѓе што се занимаваат со видеокурсеви, згора на тоа тие се успешни во тоа, а започнале без никакво технолошко знаење.
– Со запознавање вакви луѓе, ја изградив мојата самодоверба и денес се занимавам со курсеви преку интернет и сум мотивациски говорник. Успеав да изградам свое сопствено студио – заклучува Краул.

3. „Имам чувство (должност) дека треба да направам нешто, но всушност не го сакам тоа“

– Лично, не сакам да го сторам тоа, само мислам дека би требало да го сторам. Понекогаш се водиме од погрешни причини – го објаснува психологот овој проблем.
Таа вели дека многу често се соочувала со оваа ментална блокада во нејзината работа. Луѓето ги следат соништата на другите луѓе, живеат животи на други луѓе, се обидуваат да постигнат цели што мислат дека треба (на пример, она што семејството го очекува од нив), а се во спротивност со она што тие навистина го сакаат.
За да ја совладаме оваа блокада, треба да бидеме целосно искрени со самите себе за тоа што сакаме и зошто го сакаме. Кога во себе ќе најдете валиден одговор на прашањето зошто, искористете го како движечка сила за да ја постигнете својата цел.