Поранешниот американски претседател Барак Обама е на добар пат да стане најпродаван автор на годината. Неговите мемоари насловени „Ветена земја“ соборуваат рекорди за издавачот на книгата „Краун“. А стотици илјади луѓе однапред ја нарачале „Ветена земја“ пред датумот на објавување, пренесува Си-ен-ен.

Сметајќи ги нарачките заедно со продажбата на првиот ден, беше достигнат бројот од 887 илјади примероци продадени „во сите формати и изданија во САД и Канада“, соопшти компанијата „Пингвин Рандом Хаус“ која е издавач на книгата.

Издавачот излегол со соопштение дека овој резултат претставува „најголема вкупна бројка на продажба во текот на првиот ден за книга објавена од нивната компанија“.

„Пингвин“ и остатокот од издавачката индустрија го предвиделе успехот за мемоарите на Обама, кои претставуваат прв од двата очекувани тома. Довербата во книгата е изразена и преку отпечатените 3,4 милиони примероци од ова издание со тврд повез, за пазарот во САД и Канада.

Извршниот директор на „Барнс и Нобл“, Џејмс Даунт,  за магазинот „Паблишер Викли“ уште на почетокот на годинава изјавил дека книгата ќе се продава како што се нема продадено ниту една друга книга уште од 21 јули 2007 година кога излезе „Хари Потер и реликвиите на смртта“.

Една книжарница во Вашингтон решила да отвори на полноќ за да продава примероци од „Ветена земја“. Книжарниците очекуваат дека мемоарите ќе останат најпродавани во текот на целата празнична сезона. Претходно и сопругата на Барак Обама, Мишел, забележа успех со книгата „Мојата приказна“, која се најде на врвот на листите на најпродавани книжевни дела во 2018 година.