Во големата сала на центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, вечерва, со почеток од 18 часот, ќе се одржи првото издание на детскиот музички фестивал „Мелодија“. Ќе бидат изведени 16 композиции од исто толку солисти, на возраст од 5 до 15 години. Според организаторите, сите подготовки се целосно завршени и сите со нетрпение го очекуваат овој настан, наменет за најмладите.

– Ќе настапат млади солисти од повеќе градови во земјава: Скопје, Битола, Тетово, Велес, Кичево, Македонски Брод и други места. За првото издание на „Мелодија“ се подготвуваме речиси цела година, а со неговото одржување ќе го подигнеме културниот живот во градот. Учесниците успешно ја поминаа аудицијата, која траеше до крајот на септември и секоја од песните ќе биде целосно заштитена со авторски права. Покрај композициите што ќе ги изведат младите солисти, првпат ќе биде изведена и химната на фестивалот со идентично име „Мелодија“- истакна Христијан Тришоски, еден од организаторите.

Тој се јавува и како автор на неколку песни што ќе бидат изведени, а меѓу авторските имиња на песничките што ќе бидат изведени на фестивалот се потпишуваат и Кристина Цветаноска и Христијан Ѓорѓијоски, професори по музика од Кичево.
– За младата публика ќе биде убаво доживување да ги слушне песните што ќе ги исполнат нашите таленти: Антонио Ристески, Симона Папазоска, Софија Стојкоски, Марија Матеска и други. Ќе имаме кловнови и други интересни гости, кои ќе ја дополнат убавината на овој музички настан во нашиот град – додаде Кристина Цветаноска.