Првата дама на САД, Меланија Трамп, ја заврши тринеделната обнова на градината со рози во Белата куќа. Реализацијата на овој проект беше најавена минатиот месец.
– Самиот чин на садење на градината симболизира напорна работа и надеж за посветла иднина. Зачувувањето на историјата и на убавината на Белата куќа и на нејзините темели сведочи за нашата лојалност на американските идеали, кои треба да ги зачуваме за нашите деца и за генерациите што доаѓаат – изјави претседателот Доналд Трамп, по повод отворањето на градината по преуредувањето.

Обновата на градината ја финансирале приватни донатори и не е познато колку пари се вложени. Најмногу прашина во медиумите крена одлуката да се отстранат десетина стебла краставици што во градината ги посадила Џеки Кенеди, иако на почетокот било ветено дека таа ќе го врати изворниот дизајн од 1962 година.
Овие стебла, како што се вели, ќе бидат посадени на друго место, а актуелната прва дама одлучила да се засадат цветни, пастелни садници. Градината на розите се користи како место за важни говори и настани во Белата куќа.

На критичарите на социјалната мрежа Твитер новиот изглед не им се допаднал, а некои ѝ забележале на Меланија поради тоа што се занимавала со уредувањето за време на пандемијата на коронавирусот.
„Се прашувам дали Марија Антоанета ги обновувала градините во Версај за време на Француската револуција“ и „Споредбата на Марија Антоанета со Меланија, не е фер за Марија Антоанета“… се само некои од твитовите на оваа тема.