Животот на првата дама на САД, Меланија Трамп, наликува на оној на златна рипка во аквариум, со што многумина прават шеги на нејзина сметка, велејќи дека таа е заробена во Белата куќа, или пак робот, поради изолираноста и отсуството на слобода со кои, наводно, се соочува сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува британски „Индепендент“. 

Во прилог на ваквите тврдења одат и изјавите на првата дама на Франција, Брижит Макрон, која неодамна истакна дека Меланија „не смее да прави ништо, дури ниту да отвори прозорец во Белата куќа“, во интервју за „Монд“.

Медиумите известуваат дека бракот на Трампови е неконвенционален, бидејќи сопружниците спијат во засебни спални соби, а ретко покажуваат меѓусебна блискост во јавност. 

„Њујорк тајмс“, пак, пишуваше дека гледањето на телевизија на убавата Словенка наишло на осуда од нејзиниот сопруг, откако забележал оти Меланија ја следи програмата на Си-ен-ен (наместо неговиот омилен канал Фокс њуз) на претседателскиот авион „Ер форс уан“, поради што се разлутил. Потоа уследија информации оти Меланија Трамп во иднина ќе има сопствен телевизор во хотелските соби при патувањата, за да може да гледа што сака.

– Драго ми е што Меланија Трамп доби сопствен телевизор, но изненадена сум што сака да гледа канал за вести. Би помислила дека репризите на серијата „Опатијата Даунтон“ би биле порелаксирачки за неа по следењето на претседателот во текот на денот – пишува Џенет Стрит-Портер во нејзината колумна во „Индепендент“.