Вашингтон пост

Авторка: Џејда Јуан

Од изгледот на невообичаено пренатрупаниот распоред на првата дама Меланија Трамп не може да се претпостави дека најблискиот член на нејзиното семејство се соочува со истрага за импичмент.

Вчераутро, таа стана единствената прва дама која го посетила седиштето на Администрацијата за сузбивање на дрога (ДЕА), како дел од кампањата „Недела на црвената панделка“ со која се промовира искоренувањето на дрогата во Америка. Облечена во црн фустан без ракави, Меланија одржа петминутен говор за нејзината кампања „Биди најдобра верзија од себе“ и опасностите од масовното користење на електронски цигари го стави на исто рамниште со злоупотребата на опијатите.

Белата куќа, пак, соопшти дека ќе ја повлекува американската војска од северна Сирија, со што би се отворил патот за можна турска офанзива во која на удар ќе се најдат курдските борци кои им беа сојузници на САД во борбата против Исламската држава. Претседателот на Твитер објави дека „ако Турција стори нешто што, според неговата голема и ненадминлива мудрост, тој смета дека е црвена линија, тогаш целосно ќе ја уништи и обезлични турската економија (како што направил претходно)“.

По неговата објава на Твитер почнаа да се спомнуваат други минати објави во кои ќерката на претседателот Иванка Трамп му се заблагодарува на турскиот премиер за овозможување на изградбата на двете кули „Трамп“ во Истанбул, како и едно радиско интервју во кое самиот Трамп вели дека кулите можат да предизвикаат „мал конфликт на интерес“.

До крајот на денот медиумите пренесоа дека судија донел одлука оти претседателот Трамп не е имун на кривично гонење и нареди да ги предаде даночните пријави во јавното обвинителство во Менхетн како дел од истрагата за поткуп поради неговата наводна врска со ѕвездата и режисерката на филмови за возрасни Сторми Даниелс. Претседателот веднаш поднесе жалба за одлуката.

Ова не е прв пат во изминатите две недели првата дама да се најде во центарот на вниманието, додека истовремено го игнорира целиот хаос околу нејзиниот сопруг или семејството. На 24 септември, денот кога изби скандалот со истрагата за импичмент, Меланија Трамп беше со својот сопруг додека тој држеше говор на генералното собрание на ООН. Истиот ден објави фотографија на Инстаграм облечена во волнен капут од марката „Гучи“, а вечерта заедно со сопругот имаа приватен состанок со украинскиот претседател.

Два дена подоцна додека поранешниот специјален пратеник во Украина Курт Вокер имаше средби со конгресните истражители, а Трамп побара од Украина и од Кина да отворат истрага против поранешниот потпретседател Џо Бајден, Меланија Трамп беше далеку од случувањата во Вашингтон. Таа беше во националниот парк Гранд Титон во Вајоминг заедно со група на извидници за да промовира детски тури во националните паркови. На фотографиите од настанот може да се забележи дека навистина уживала.
Иако ова изгледа како дефокусирање или сопруга која сака да се дистанцира од работата на својот сопруг, историчарката од „Принстон“ Лорен М. Рајт изјави дека овие настани имаат суптилно значење, односно „првите дами се најдобрите стратегиски гласници во Белата куќа, затоа што се аполитични и можат да се кријат зад сликата на некој што прави добрини и се популарна непартиска фигура“.
Поинаку кажано, тоа што првата дама уживала во прошетката во природа може да биде дефокусирање од вестите за импичментот на претседателот, како и од и извештаите дека изградбата на пограничниот ѕид со Мексико се одвива на локалните свети места и националниот парк во Аризона, каде што растат ендемични кактуси што се под заштита на УНЕСКО.

На посетата на седиштето на ДЕА, првата дама повторно не изгледаше загрижено. На настанот покрај младите маринци и средношколскиот хор, беше поканет актерот Дин Норис кој го глумеше ликот на специјалниот агент на ДЕА во серијата „Брејкинг бед“, а актуелниот директор на ДЕА, Утам Дилон, ја раскажа трагичната приказна за агентот Енрике „Кики“ Камарена кој беше екранизиран во последната сезона на популарната серија „Наркос“. Членовите на неговата заедница носеа црвени панделки во знак на борбата против трговијата со дрога. Првата дама не носеше панделка затоа што пред настанот не биле испратени до персоналот од Источното крило на Белата куќа.
Пред присутните таа одржа говор и постојано гледаше во камерите, а не го тргна погледот од нив дури ни кога ѝ изрази сочувство на Мика, вдовицата на Камарена. Во нејзиното обраќање таа зборуваше за кампањата „Биди најдобрата верзија од себе“ и за водење на здрав живот. За разлика од нејзините претходни говори, овој пат тој беше поразличен и целта беше да се привлече внимание. Во него ја искористи шансата да сподели дека во изминатите две и пол години посетувала болници и центри за рехабилитација, каде што била директен сведок на резултатите од користењето на дроги и спомена настан што го одржала заедно со студентите од универзитетот „Либерти“, чија цел била справувањето на „стигмата од зависноста од дрога“. На крајот од говорот го искажа својот силен став за употребата на електронски цигари што беше нејзин прв јавен коментар на ова прашање. Но таа воопшто не се осврна на импичментот или на твитовите на нејзиниот сопруг. Сепак кажа многу повеќе во јавноста во споредба со изминатите неколку месеци, а обраќањето личеше на стандарден предизборен говор.

Превод: Билјана Здравковска