Овој хотел лоциран во Текила, Мексико, на своите гости им нуди сместување во големи буриња. Љубителите на текилата не само што ќе го пијат омилениот пијалак од самиот извор туку и времето ќе го поминуваат во буриња. Станува збор за хотелот „Хотел де Барикас“, што во превод значи „хотел од буриња“. Сместен е во дестиларница, која произведува 15.000 литри текила секој ден.
Уникатната локација се наоѓа во околината на градот Текила, од каде што потекнува споменатиот пијалак. Хотелот е составен од 30 големи буриња претворени во соби, а има и четири стандардни соби „Силвер Кинг“. Од хотелот велат дека на ова место текилата може да се „вдише, вкуси и почувствува“.

Иако бурињата не изгледаат посебно однадвор, внатрешноста сепак е луксузна. Секое од нив содржи хотелски комфор, вклучувајќи телевизор и клима-уред, плакари, мини-бар, па дури и џакузи во една од собите. Цените се движат од 160 евра па нагоре.
Во близината на хотелот има импресивна дестиларница, каде што гостите можат да уживаат во дегустација на текила. Исто така постои и подземен ресторан лоциран 4,5 метри под земја, во кој се сервираат традиционални мексикански јадења со различни коктели базирани на текила.