Меколи Калкин (38) за потребите на новата реклама на „Гугл асистент“ повторно ги одглуми најинтересните сцени, во кои се најде Кевин Мекалистер, главниот јунак на мегапопуларниот филм „Сам дома“, пренесе порталот „Поп шугар“.

Рекламата, снимена во истата куќа во која беше реализиран и култниот филм што остави белег на многу деца низ генерациите, оригинално е насловена „Сам дома повторно“. Калкин во рекламата актуализира некои од најинтересните мигови од филмот што премиерно беше прикажан во 1990 година, а кадрите од рекламата неверојатно потсетуваат на оригиналните сцени. Таа почнува така што Калкин, сега веќе како возрасен, се чекира на лаптопот на „Гугл хоум хаб“ и сфаќа дека има цел ден само за себе во пространата куќа.

Од сцената во бањата, па до мигот на соло-вечерата, најновата реклама повторно ја буди носталгијата, која нѐ враќа во времето на објавувањето на овој голем божиќен класик.

Некои моменти добија и смешен современ пресврт. На пример, Кевин сега е многу постар и не му прилега да скока на креветот, па затоа оваа сцена е во духот на сегашното време, кога, ете, и Кевин го боли грбот, бидејќи не е веќе дете. Инаку, актерот, во едно неодамнешно интервју откри дека токму поради овој филм, кој му го одбележи животот, не ги сака многу божиќните празници, кога не вклучува телевизор и ги избегнува луѓето. Тој имаше проблеми и со дрогата, но со многу напори засега се држи понастрана од овој порок.