Како што веќе претходно беше најавено, годинашниот фестивал „Си денс“ подготви и посебен ден како изненадување. Кон фантастичната програма за седмото издание на „Си денс“, кој годинава ќе трае четири дена на тиркизниот залив на плажата Буљарица во Будва, во екстра денот 26 август се придружуваат хит мејкерите „Медуза“, едни од фаворитите за наградите „греми“со над милијарда слушања на видео и стриминг-платформите, мултиталентираниот уметник од Амстердам – Сатори, кој ќе го изведе својот оригинален настап во живо и легендарниот рок-состав „Бајага и инструктори“ – еден од највлијателните бендови од просторите на поранешна Југославија.
Покрај новиот бран изведувачи што ја дополнуваат претходно најавената програма со водечките меѓународни и регионални музички ѕвезди од електронската и трап/хипхоп-сцената, „Си денс“ – добитник на наградата за најдобар европски фестивал, ја најавува и продажбата на еднодневните влезници, која почнува на 30 јули.
Вториот ден на фестивалот, на 27 август, на главната фестивалска бина ќе настапат Масео Плекс, Сенида, Војко В, Тијана Т и локалните изведувачи Рејвен ТК во б2б сет со Проксимус, додека за третиот ден, на 28 август, најавени се „Тејл оф Ас“ и домаќините П.С. и О.Г. феат. дисторжн. Последниот фестивалски ден, односно 29 август, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Борис Брејча, Ан Клу, „з++“, „Ху Си“ и „84Бит“.
– Еден од клучните услови за одржување на фестивалот е придржување кон безбедносниот протокол за организирање масовни настани, кој фестивалот „Егзит“ го примени во Нови Сад, но приспособен кон условите во Црна Гора. На фестивалот ќе можат да влезат сите што примиле барем една доза вакцина, сите што имаат документација дека прележале коронавирус (документ не постар од 180 дена) или сите што поседуваат негативен резултат на ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Со оглед на мерките воведени во Црна Гора, можно е условите за влез дополнително да се прошират од 2 август – велат организаторите.