Отровот на пчелите ги уништува агресивните клетки на ракот

Отровот на пчелите ги уништува агресивните клетки на ракот, откриле австралиските научници во лабораториски услови. Отровот и соединението мелитин што го содржи се користеле во испитувања против два вида карцином, кои инаку тешко се лекуваат: ракот на дојката и меланомот. Научниците наведуваат дека ова откритие е многу значајно, но дека се потребни натамошни испитувања.
– Утврдено е дека екстрактите на пчелите се исклучително моќни – вели Кјара Дафи, млада научничка што ја водеше студијата на институтот за медицински истражувања „Хари Перкинс“, објавена во списанието „Нејчер онколоџи“.
Тестиран е отровот на над 300 медоносни пчели и бумбари и утврдено е дека одредена концентрација ги убива клетките на ракот во рок од еден час, со минимална штета на другите клетки. Мелитинот ги убива клетките за помалку од еден час, со пробивање дупки на нивната надворешна мембрана. Но 20 минути од примената тој исто така го нарушува испраќањето на хемиските пораки што им се неопходни на клетките за да растат.