Како да се навикнеме на зимското сметање на времето?

Еден час повеќе за спиење значи многу и веројатно ќе ви помогне наутро да се чувствувате поодморено и поподготвено за секојдневните обврски. Но често забораваме на фактот дека со поместувањето на стрелките на часовникот се нарушува нашата стекната рутина и навечер ни е потешко да се навикнеме порано да си легнеме. Д-р Канан Рамар, професор по медицина на клиниката „Мајо“ во Минесота, САД, советува како што побезболно да се приспособиме на промените.
– Обидете се да си легнувате во исто или приближно исто време, земајќи предвид дека на телото му се потребни 7-8 часа сон за да се одмори и затоа многу е важно половина час пред спиење да се исклучат сите апарати, како мобилен телефон, лаптоп, телевизор – тврди Рамар.
Тој додава дека ако и по 20 минути не можете да заспиете, станете од креветот и направете брза медитација, а исто така избегнувајте пиење течности, особено алкохол, пред да си легнете.
– Никако не прејадувајте се доцна навечер, а пијалаците со кофеин пијте ги во попладневните часови – сугерира докторот.
На лицата на кои им е многу тешко да ја менуваат рутината им се препорачува што повеќе да бидат изложени на дневна светлина.