Трик против замаглување на очилата

Луѓето што носат очила деновиве се соочуваат со непријатен проблем – кога ќе ја стават маската, стаклата им се замаглуваат. Двајца хирурзи со читателите на весникот на Кралскиот колеџ на хирурзите на Англија, деновиве го споделија својот мал трик од салата за операција. Тие објаснуваат дека очилата се замаглуваат затоа што маската го насочува здивот надолу, наместо напред, што е добро за спречување на пренесување на болеста, но тоа е лошо за оние што немаат око соколово.

Сапунот и водата влијаат како некој вид заштита, која ја намалува површинската напнатост на стаклата. Оваа волшебна мешавина овозможува молекулите на водата од вашиот здив рамномерно да се распоредат, наместо да се собираат на стаклата и да ни ја замаглуваат сликата. Хирурзите советуваат задолжително прво да ги измиете рацете со вода и сапун, а потоа да ги натопите стаклата на очилата и да ги премачкате со тенок слој сапун. Потоа измијте ги со млаз топла вода. Тие додаваат дека на крајот нежно и внимателно треба да се избришат со марамче за бришење очила.