Пречестото миење на рацете може да биде штетно

Хигиената е прва линија на одбраната од коронавирусот и неговото ширење. Сепак, лицата што имаат сува кожа или некои кожни заболувања, со често миење на рацете можат да ја оштетат својата кожа. Дури и оние што немаат такви проблеми можат да претераат ако користат силни алкохолни средства за дезинфекција.

– Зачестеното користење дезинфекциски средства за раце може да го оштети горниот слој на кожата и така да ѝ одземе една бариера на заштита од инфекции. Јаките сапуни исто така можат да го влошат дерматитисот (црвена, сува кожа што се лупи), особено во делот меѓу прстите. За да го избегнете тоа, треба да користите креми за раце, по секое миење. Освен тоа, важно е добро да ги исушите рацете со сува крпа, бидејќи вирусите полесно се размножуваат на влажни површини. Влагата, пак, уште повеќе ја исушува кожата – велат дерматолозите.

Лекарите советуваат дека кремите за раце помагаат за обновување на кожата, а одвреме-навреме добро е да се стават памучни ракавици и да се остават преку ноќ.