Хируршките маски се еднократни, подобро користете памучни!

Во целиот свет здравствените работници, но и обичното население, се соочени со недостиг од заштитни маски, иако во повеќе држави тоа стана задолжително на јавни места. Според написот „Рационална употреба на заштитните маски во текот на пандемијата со ковид-19“, објавен во магазинот „Лансет“, е извршена детална анализа на препораките на одделени земји, но и на препораките од Светската здравствена организација.

Треба да се напомене дека хируршките маски, всушност, се за еднократна употреба и не би требало да се користат повеќе од еднаш. Тие задолжително треба да се фрлат по едно носење, бидејќи во внатрешноста создаваат слој на кој се размножуваат бактерии и ако неколкупати се носат, се губи заштитниот ефект и се зголемува ризикот од инфекција. Се препорачува задолжително носење маски доколку излегувате од дома, за да се спречи потенцијалното асимптоматично или предсимптоматично ширење на вирусот.

Маски треба да носи и ризичната популација и постарите лица, а се препорачуваат памучни заштитни маски што треба секој ден да се перат, сушат и да се пеглаат. Доколку немате заштитна маска, едноставно носете шал или марама од памук, со кои ќе ги покриете носот и устата.