Венко Серафимов и „Нокаут“ ја снимија „Good old fashioned rock’n’roll“

Секое време е добро за креативците. Доказ за тоа е и соработката меѓу познатиот македонски музичар и композитор Венко Серафимов и членовите на групата „Нокаут“, кои ја снимија песната „Good old fashioned rock’n’roll“, како свој одговор на периодов во кој живееме, кој особено им го смени животот на музичарите, кои изминатава година поради пандемијата на коронавирусот ретко настапуваа и одржуваа концерти.
– Песнава ја напишав за време на првите месеци на карантинот. Не беше лесно да се најде некој оптимизам во целава фрка низ светов со ковидов. Но беше добро време да се слушаат по дома старите рокенрол-стандарди. Соработката со Никола Перевски-Пере и луѓето од бендот претставуваше некој логичен редослед по нивната покана да им гостувам на концертите во Охрид и во Битола. Имам една симпатија кон тоа како бенд како „Нокаут“ се бори да опстане во ова антибендовско опкружување и атмосфера низ светов, па и кај нас. За жал, а и, за среќа, истовремено, целата музичка комуникација околу реализација на песната се одвиваше по интернет со размена на фајлови, но се надевам дека нешто добро се постигна. Ова го изведовме без никаква поддршка од страна, но се надевам дека им пративме на луѓето една насмевка што е специфична сама по себе. Би бил пресреќен ако овој сонг некому барем малку му помогне да остане во добро духовно здравје – вели Венко Серафимов, за тоа како дошло до создавањето на песната.
Никола Перевски-Пере, лидерот на „Нокаут“, ни откри дека уште одамна ја посакувал оваа соработка со Венко Серафимов.

– Имам чувство дека желбите порано или подоцна секогаш ми се остваруваат, па така е и со оваа да работиме заедно со Венко. Соработката дојде спонтано уште од нашата минатогодишна покана до него да ни гостува на концертите во Античкиот театар во Охрид и во Хераклеја во Битола, која со задоволство ја прифати. Во ова време на ковид воопшто не е лесно да организираш некаков вид настан, а не пак концерти, но некако ни се посреќи, ни тргна од рака и сѐ беше повеќе од успешно организациски со сите можни протоколи. Со голема љубов и почит ја прифатив поканата од Венко да соработуваме и заеднички да ја донесеме најдобро што можеме. Искрено многу ни се допадна песната, и мене и на сите членови на „Нокаут“. Се обидовме да ја донесеме што поблиску до нас, до публиката што нѐ следи сите овие години и нас како група и оние што го слушаат Венко Серафимов, како одличен автор и изведувач што многу го ценам. Особено ни беше драго што е рок, бидејќи одамна не сме снимиле жанровски рок-песна. Направивме добро музичко парче и песната ќе си го најде патот до верните слушатели и до оние што разбираат што е тоа рок и како се свири рокенрол. Во оваа наша изведба има еден искрен пристап што не лаже, туку целото наше вложување во овој сонг е максимално енергично и искрено. Нешто позитивно во ова негативно време, посветено со многу љубов кон музиката што ја создаваме и ја живееме. Медицина од акорди три и имате комбинација на „Good old fashioned rock’n’roll“. Се надевам дека нема да застанеме тука со соработката со Венко – вели Пере.