Фото: Маја Јаневска-Илиева

Павле Камилоски со својот проект „Мала Италија патува 2“ ќе одржи солистички концерт на 19 септември во Македонската опера и балет. И овој пат пред скопската публика тој ќе се претстави со арии и популарни песни од италијанската, француската и шпанската музика, но ќе ги отпее и најголемите хитови на омилените Френк Синатра и Дин Мартин, како и некои македонски евергрини, за кои вели дека ќе бидат големо изненадување за публиката, како и некои од гостите на концертот.

– Драго ми е што овие концерти веќе станаа традиционални, пред сѐ благодарение на топлиот прием кај публиката. На мое големо задоволство гостин на концертот ќе биде Христо Христов, диригент од Бугарија, еден мој драг колега и најдобрата македонска пејачка во моментот, чии имиња, сепак, не сакам да ги откријам, како и дел од репертоарот, зашто сакам да бидат изненадување за публиката – рече Павле Камилоски на вчерашната прес-конференција.

Овој пејач со одлични гласовни способности, кој со својот школуван баритон со леснотија ги изведува најубавите бисери на оперската, но и на популарната музика, релативно доцна го открива својот талент за пеење.