Инспирирана од македонскиот документарен филм „Медена земја“ француската модна куќа „Кензо“ ја претстави својата нова пролетна колекција на спектакуларно шоу, кое изгледаше како да се случува на егзотичните португалски Азорски Острови, среде Атлантик.

Во колекцијата на дизајнерот на „Кензо“, португалецот Фелипе Оливиера Баптиста, доминираат креации со пчеларски вел, за кои тој вели дека сликата за пчеларка му се појавила во момент кога човештвото и екосистемот се во фаза на осознавање и се трудат да си помогнат меѓусебно.

Угледното модно списание „Вог“ во својот прилог потсетува дека филмот го прикажува контрастот помеѓу главната протагонистка, жена која ги почитува пчелите и го зема само медот што ѝ е потребен за да преживее „половина за мене, а половина за тебе“ и им остава половина мед за да преживеат, додека нејзините соседи ги искористуваат природните ресурси и ги убиваат пчелите.

– Тоа е една од најстарите соработки и соживот помеѓу човекот и природата. Сакав да ја изразам кревкоста на ситуацијата во која што сме сега – изјавил Баптиста за „Вог“.