Сопругата на принцот Хари, Меган Маркл, побара од судот да му забрани на издавачот на таблоидот „Мејл он сандеј“ да ги објави имињата на пет нејзини пријателки кои би можеле да бидат сведоци во тековниот судски спор.

Меган го тужи британскиот издавач „Асошиетед њуспејпер“ во врска со написите во таблоидот „Мејл он сандеј“ објавени минатата година, во кои се вклучени делови од писмото што таа му го испратила на својот татко Томас Маркл во август 2018 година.

Таблоидот го оправдува објавувањето на писмото тврдејќи дека пет неименувани пријателки на Меган ја изнеле нејзината верзија на настани во интервјуа за американското списание „Пипл“.

Нејзините адвокати велат дека не е точно оти таа ги овластила своите пријателки или се договорила со нив да му кажат на списанието „Пипл“ за писмото, а во четвртокот рекоа дека „Асошиетед њуспејпер“ се заканува дека ќе ги објави нивните имиња.

– Не им се суди на овие жени, ниту мене. Му се суди на издавачот „Мејл он сандеј“. Секоја од овие жени е приватно лице, млада мајка и секоја има основно право на приватност – рече Меган во изјавата за Врховниот суд во Лондон.

Меган и Хари живеат со својот син Арчи во Лос Анџелес по откажувањето од своите кралски должности кон крајот на март, делумно поради интензивното мешање на медиумите во нивните животи.

Во мај судијата отфрли дел од нејзината тужба дека весникот постапил нечесно и предизвикал расправија помеѓу неа и татко ѝ.