Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, во авторска колумна за „Њујорк тајмс“ откри дека имала спонтан абортус во јули годинава, пренесува Би-би-си.

– Додека го држев во прегратка моето првородено дете, знаев дека го губам второто – откри војвотката Маркл. 

Таа вели дека срцето на нејзиниот сопруг, принцот Хари, се кршело, додека ја држел во неговата прегратка по несреќниот миг. Двојката го доби своето прво дете, Арчи, на 6 мај 2019 година.

Извор близок до 39-годишната Меган Маркл за Би-би-си потврди  дека таа е во добра здравствена состојба. Тие, сакале јавно да проговорат и да укажат колку е чест случајот на спонтан абортус кај жените, откако психички се справиле со тоа што им се случило, додаде изворот.

– Да се изгуби дете значи да носиш неподнослива тага во себе, тага која е искусена од многумина, но за која никој не зборува. Таквите разговори остануваат табу, проследени со неоправдан срам и го продолжуваат кругот на самотничко жалење.

Мал број жени храбро ги споделуваат своите приказни за спонтан абортус. Тие го скршија мразот, и им дадоа поттик на сите нас да го сториме истото – рече војвотката од Сасекс, која е вториот член на британското кралското семејство што отворено проговори за спонтаниот абортус.

Внуката на кралицата, Зара Тиндал, во 2018 година зборуваше за двата спонтани абортуси пред да го роди своето второ дете.

Според добротворната организација „Томис: Заедно за сите деца“, се проценува дека секоја четврта бременост завршува со спонтан абортус. 

– Искреноста и отвореноста на Меган испраќаат силна порака до сите родители што изгубиле бебе. Вие не сте сами. Меган ја пофали храброста на родителите кои ги споделуваат своите приказни, а оние кои претпочитаат самотничко тажење, сепак можат да најдат утеха во читањето на искуствата на другите – вели Софи Кинг од добротворната организација.