Меган Маркл и принцот Хари в недела ќе учествуваат во видео-разговор во живо со Малала Јусафзаи, добитничка на Нобеловата награда за мир, по повод одбележувањето на меѓународниот ден на девојките.

Малала Јусафзаи е активистка за женско образование и најмлад лауреат на Нобелова награда за мир во 2014 година. Таа е позната по застапувањето за човекови права, особено за образованието на жени и деца во родниот Пакистан.

Меган и принцот Хари продолжуваат да се посветуваат на теми блиски до нивните срца. В недела со Јусафзаи ќе разговараат за невидливите бариери што ги држат милиони млади жени надвор од училиште.

Разговорот на триото ќе се пренесува преку Јутјуб и каналите на социјалните мрежи на Фондот Малала.

Вниманието на Меган, Хари и Јусафзаи ќе биде насочено кон прашањето „зашто е од суштинско значење да го поддржуваме правото на секое девојче да учи“, пренесува британскиот таблоид „Експрес“.

Темата за образование за девојчиња не е нова за Меган. Голем дел од хуманитарната работа на војвотката од Сасекс пред да се сретне со принцот Хари беше насочена кон создавање силни жени со самодоверба и вклучување на се поголем број на девојчиња во образование.