Меган Маркл и Грејс Кели, иако на прв поглед се многу различни, сепак имаат многу заеднички страни

Светот уште добро ја памети големата венчавка на американската глумица Грејс Кели и принцот Рение Трети. Слично бајковито сценарио ќе се повтори и за околу три недели, а главни протагонисти се принцот Хари и Меган Маркл.
Во април 1956 година славната холивудска дива Грејс Кели му го кажа судбоносното „да“ на принцот Рение Трети во Монако и стана една од најголемите кралски икони на сите времиња. Церемонијата ја следеа околу 30 милиони гледачи на телевизиските екрани и со воодушевување го славеа тој ден. Сличен настан се очекува и годинава, шест децении по оваа кралска манифестација. Двете дами, иако на прв поглед се многу различни, сепак имаат многу заеднички страни. Еве што се ги поврзува овие две глумици.

Немаат сина крв
Меган Маркл по многу работи не е типична принцеза. Таа е Американка, од мешана раса. Мајка ѝ е Афроамериканка, а татко ѝ е белец. По професија е глумица, а зад себе веќе има еден брак. Како и Грејс Кели, со актерство почнала да се занимава во младоста и има успешна кариера во Холивуд. Така што и двете израснале далеку од кралството и можеби и затоа нивните перспективи и погледи кон монархијата се различни. Познато е дека Грејс Кели имала големи проблеми откако на 26 години се преселила во Монако. Многу припадници од високото друштво не ја прифатиле и не ѝ дале поддршка.
За разлика од тогаш, Меган во последниве месеци има топло добредојде. Хери направи сѐ што може да ја вклучи Меган во сите аспекти од својот живот.

По професија се глумици
Сите припадници на кралското семејство се на располагање на својата држава и должни се да се вклучуваат во хуманитарни акции, па не се очекува од нив да градат кариера надвор од дворот. Ова правило важи во сите монархии, па затоа и пред 60 години Грејс Кели ја стави љубовта пред професијата. Ги остави зад себе сите свои соништа што ги остварувала низ годините. Подоцна сфатила дека многу ѝ недостига професијата. Дека не може да има и љубов и кариера истовремено сфати и Меган Маркл. Пред да се пресели во Лондон, ги снимаше последните сцени во серијата „Сјутс“, во која играше седум сезони една од главните улоги, како Рејчел Зеин. Меган во глумата се заљубила уште како мала.
– Не гледам на ова како одрекување, туку како промена. Отворам ново поглавје – изјави Меган.
Новата околина и титулата се голем предизвик за Меган, исто како што своевремено беа и за Грејс Кели.

Се залагаат за женските права
И двете актерки имаат слични ставови кога станува збор за женските права, разликата е во времето во кое живеат. Кели за тогашните жени била многу способна и рамноправна со машкиот род. Заработувала сама и добро живеела од својата заработка. Но сѐ се сменило кога се преселила во Монако и сфатила дека е само украс на својот сопруг, а од неа се очекува само да се смешка и да поздравува. Но работела на хуманитарни проекти наменети за жени и за деца. Времињата се променија во 21 век. Меган нема да биде само убавото лице на тронот, а тоа го даде до знаење со првите кралски ангажмани, кога можеше да се види нејзината доминација. А и во неколку интервјуа што ги дадоа со принцот, цврсто го покажа својот став.

Големи хуманитарки
Уште пред да се сврши со принцот, Меган беше активна во хуманитарни организации и дејствуваше во УНИЦЕФ. Нејзина окупација отсекогаш биле жените и нивните права. Тоа и во кралското семејство ќе биде нејзина главна задача. Ќе се занимава со прашањето за женските права и ќе им помага на организации за самохрани мајки. Многу слични ангажмани имаше и Грејс Кели, постојано беше активна во црвениот крст, им помагаше на болните, на лицата со попречености, а изградбата и обновата на болниците ѝ беа приоритет.