Најстарите фосили од мегалодонот може да се датираат од пред околу 20 милиони години, а во следните 13 милиони години оваа огромна ајкула доминирала во океаните сѐ додека не изумрела пред околу три милиони години.

Мегалодонот истовремено е најголемата ајкула и една од најголемите риби што егзистирале на планетата Земја. Според научниците, неговата должина изнесувала помеѓу 15 и 20 метри, односно трипати подолго од најголемата забележана бела ајкула.

Досега не е откриен целосен скелет на мегалодонот, а истражувачите ја реконструираат неговата големина врз основа на неговите заби, чија должина изнесува 18 сантиметри. Всушност, зборот мегалодон едноставно значи голем заб. Врз основа на забите, научниците дознаваат многу нешта за овие животни, вклучувајќи и што јаделе овие огромни ајкули.

Мегалодонот бил најголемиот предатор во времето во кое живеел, научниците исто така веруваат дека можеби е најголемиот и најмоќен предатор риба што некогаш живеела на Земјата. Според истражувачите, мегалодонот наликува на поголема верзија на големата бела ајкула.