По четири години, милениците се враќаат во Белата куќа. Новите станари се два германски овчари на Бајден, Мајор и Чемп. По неколку дена неизвесност, Америка доби избран претседател, но и пријатели на Белата куќа што повторно ќе трчаат по тревниците. Во резиденцијата на американскиот претседател од 2016 година, кога републиканецот Доналд Трамп се всели во неа како претседател, првпат по многу децении се случи да нема куче.
Но сега тоа ќе се смени. Двата германски овчари Мајор и Чемп ќе се преселат во Белата куќа со семејството на Бајден. Внуците на Бајден му го дадоа името на 12-годишниот Чемп, кој е дел од семејството од 2008 година, а Мајор е посвоен од семејството Бајден пред две години и тој е првото посвоено куче што ќе влезе во Белата куќа.
– Тој беше едно од шесте кутриња фрлени во депонија и спасени со итна ветеринарна интервенција, затоа што беа изложени на отрови. Пресреќни сме што го примивме Мајор во семејството и многу сме му благодарни на здружението за хуманост „Делавер“ што најде дом за Мајор и безброј други животни – изјави Бајден.
Пред Мајор и Чемп, Бајден поседуваше најмалку уште три германски овчари и една дога.