Во овогодинешниот избор на „Новозеланѓанин на годината“ во трката влегоа премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, генералниот директор за здравство Ешли Блумфилд и една мачка пренесува „Гардијан“. 

– Оваа неверојатна година, секој си има свој херој – рече Миријама Камо, покровител на наградите.

За некои, тој херој е мачката од расата туркса ангора по име Митeнс, која слободно ги посетува салоните за тетоважи, канцелариите и црквите во главниот град Велингтон. Годинава, на Митенс ѝ беше доделен клучот на градот, а нејзиниот авантуристички дух освои десетици илјади локални и меѓународни обожаватели. Оваа чест претходно му беше укажана на режисерот  на „Господарот на прстените“, Питер Џексон.

– Ваквата чест ѝ припадна на Митенс поради нејзиното носење на среќа, радост и смеа, како и поради големата популарност која ја доби градот во светски рамки поради неа – се вели во изјавата на властите од Велингтон.

Митенс стана популарна во 2018 година, откако посети голем број јавни установи, вклучувајќи еден универзитет, главната пошта, една католичка црква, а исто така еднаш била донесена во полициската станица од страна на загрижени луѓе кои мислеле дека таа е изгубено милениче. 

Затоа, Митенс добила фејсбук-страница на кој е наведено дека таа не е изгубена, туку дека само има голем авантуристички дух. Страницата сега има над 52.000 обожаватели, а на неа постојано може да се следат и дневните активности на Митенс. 

Ардерн и Блумфилд имаат големи заслуги и се номинирани поради нивните брзи реакции и решителни одлуки за справувањето со корона-кризата. 

Претходни добитници на наградата се актерот и режисер Таика Ваитити, комичарот и застапник за ментално здравје Мајк Кинг, и поранешниот капитен на националниот рагби тим, Ричи Мако. 

Сепак, мачка досега ја нема освоено наградата.