Славниот дизајнер Карл Ото Лагерфелд, кој почина пред нешто повеќе од една година од рак на панкреасот, зад себе остави наследство достојно за титулата „император на модата“, која ја носеше долго и успешно, со силна доза ексцентричност, дрскост и способност да провоцира различни чувства кај сите.
Богатството на Лагерфелд, според различни извори, се проценува меѓу 200 и 300 милиони евра, а списокот на негови наследници, според тестаментот што се чува во Монако, е сведен на две жени, пет мажи и една мачка, Чупет, која во последните години од неговиот живот била важен дел од животот на дизајнерот.

Неодоливата мачка е во центарот на правната битка што може да трае со години. Наследниците се расправаат за тоа кого Лагерфелд сакал повеќе и кој колку пари ќе добие, а исто така се закануваат со тужби во случај еден од нив да не биде задоволен од поделбата. Во тестаментот се наоѓа и Себастијан Џондо, поранешен боксер, кој стана модел и кој беше со Лагерфелд две децении. Тој му беше и телохранител и возач, а исто така велат дека тој седел покрај смртната постела на дизајнерот, држејќи го за рака до последен момент од животот.

Друг Французин, Баптиста Џиабикони, е еден од омилените модели на Лагерфелд уште од 2008 година и вели дека на Карл му бил како син. На списокот се наоѓа и Британецот Џејк Дејвис, уште една машка муза на дизајнерот и заштитно лице на голем број негови кампањи и модни ревии.