Шеќерот и мастите се сметаат за најнездрава храна кога станува збор за здравјето, но научниците предупредуваат дека има нешто понездраво од овие две намирници, а тоа е маслото од соја, пишува „Дејли мејл“.
Станува збор за едно од најчесто користените растителни масла, а половина од растителните масла што се произведуваат во светот сочинуваат масло од соја. Ваквиот вид масло не мора секогаш да биде во течна состојба, туку многу често е содржано и во готовата, преработена конзервирана храна и слични пакувања.
Маслото од соја долго се сметаше за многу здрав избор, но резултатите од студијата објавена во списанието „Плос уан“ укажуваат на голем број причини поради кои популарната состојка за готвење може да остави сериозни последици врз здравјето на една личност, полоши и од шеќерот.

Како дел од истражувањето за различни видови навики во исхраната, научниците од Универзитетот во Калифорнија спровеле тестирање врз лабораториски глувци. Ним им била дадена храна со 40 проценти маснотии, количество слично на она што го консумираат повеќето Американци. Едната група добила заситени масти претежно од кокосово масло, а другата се хранела со намирници засновани на незаситени масти од масло од соја, на кои им било додадено масло од кокос. На другата група ѝ било давано исто количество незаситени маснотии колку што консумира еден просечен Американец.
Како дел од дополнителни два плана за исхрана, научниците им давале на глувците две верзии на храна богата со маснотии со додавање фруктоза, шеќер што го има во овошјето и во медот.

Храната во сите четири вида исхрана содржела ист број калории, што значи дека научниците биле во можност да го проценат вистинскиот ефект на различните видови масла и фруктоза врз телото на глувците. Тие очекувале дека глувците што јаделе масти од фруктоза ќе добијат најголема тежина и ќе развијат најсилна отпорност на инсулин, но резултатите ги изненадиле.