Петар Ташев победи на косплеј-натрпревар на А1 Гејмфест 2019

Љубителите на видеоигри, друштвени игри и игри со карти, како и љубителите на косплеј (маскирање во лик од филм/игра/аниме) сцената, овој викенд имаат можност да уживаат во дводневен гејминг/косплеј настан „А1 гејм фест 2019“  што трае во текот на целиот ден, во организација на „А1 Македонија“.

Отворањето на најголемиот македонски косплеј и гејминг настан се случи вчера, во „Синеплекс“ во Сити мол – Скопје. Посетителите имаа можност да уживаат во бројните натпревари и активности, како и да се дружат и забавуваат.

„А1 гејм фест 2019“ претставува одлична можност за љубителите на косплејот и игрите да се натпреваруваат во областа на игрите „ЦС:ГО“, „Дота“, „Хартстоун“, „Фортнајт“, „Фифа20“, „Текен 7“, „Клеш Ројал“, и секако, се случи возбудливиот косплеј-натпревар во маскирање.

Учеството беше бесплатно за сите учесници, но потребно беше претходно пријавување на активностите.

Координатор и главен судија на натпреварот во косплеј е Стефани Христов, додека судии се Катерина Попова (А1) и Маријан Болтевски („Академска книга“).

Ова е втор настан од ваков тип во организација на „А1 Македонија“, но за разлика од минатата година, наградниот фонд е четирипати поголем (10.000 евра).

Третото место на натпреварот во коспјел на „А1 Гејм фест“ го освои Софија Караевска, второто место припадна на Ивана Костадиновиќ, додека првото место го освои Петар Ташев. Тој на сцената излезе со брада исто како онаа на богот на војната, Кратос – ликот во кој беше маскиран.

– Не очекував дека ќе победам, бидејќи имаше навистина предобри костими, особено Катарина беше одлична. Костимот го подготвував во период од околу недела и пол. Материјалите кои ги употребив вклучуваат еко-кожа, текстил, додека секирата целосно е изработена од дрво. Избрав да бидам Кратос поради тоа што ми се допадна во најновото продолжение на играта „Год оф вор“. Истовремено, веќе ја имав израснато и брадата, па си реков, зошто да не? Двете работи се поклопија – изјави победникот на косплеј- натпреварувањето, Петар Ташев.

Маријан Болтевски, кој беше дел од тимот на судиите на настанот, посочува дека ова е втор косплеј на „А1 Гејм Фест“, но косплеј традицијата во Македонија се одржува веќе околу десет години.

– Сепак, тоа беа неформални настани од забавен карактер. Косплејот кај нас не е на ниво како во градови од соседните земји, главно Софија и Белград, како и во поголемите европски градови или САД, меѓутоа веќе станува традиција. Како настан од посериозен карактер со награди веќе еволуира уште од организирањето на „Јапанорама“. Можеме да забележиме дека учесниците вложуваат сериозен напор да станат професионални косплеери, а тоа го покажуваат нивните добро изработени костими при натпреварувањето – додаде Болтевски, и вели дека ова треба да биде поттик за идните генерации на косплеери, тие да бидат она што сакаат да бидат.

Освен натпревар во косплеј и видео игри, во рамките на оваа организација се случија и натпревари во игрите „Вархамер“.

– „Вархамер“ е друштвена игра која е воедно и стратешка игра. Се игра со фигури на терен, обично на рамна површина. Она што е интересно за „Вархамер“ е тоа што фигурите со кои играме, односно ни ја сочинуваат војската, се направени од пластика, а доаѓаат несоставени и необоени. Интересно за ова хоби, всушност, не е само играњето, туку и создавањето на самата армија, ние самите ја боиме и составуваме. Секако има правила за некои единици, меѓутоа често се остава слобода на самиот играч– изјави Ристо Манасиев за друштвената игра.

„Вархамер“ има два аспекти. Едниот е научнофантастичен, односно „Воен чекан: 40.000“, и „Ерата на Сигмар“, која е епска фантастика во стил на приказните на Џ.Р.Р. Толкин. Во Македонија се играат двете игри, а исто така има и игри како „Блодбол“ – рагби во епска фантастика, како и некои други помали игри од типот на „Килтим“ или „Вархамер: Андерворлдс“, кои за разлика од двете големи игри, се играат со помалку фигури, затоа што се работи за еден тим.

– Кај нас засега има доволен број играчи за да можеме да бидеме дел од ова хоби, иако мислам дека би било подобро да има повеќе луѓе што се занимаваат со ваквите друштвени игри. Играта во Македонија функционира околу десет години, има петнаесетина играчи од кои околу пет-шест се активни, кои секоја недела играат барем по една партија. Една партија трае два до четири часа, зависно од тоа колкави се армиите на играчите. Секоја армија има број на поени, и поените мора да бидат исти во двете армии за да се направи баланс. Најчесто се игра на 1.500 поени, а поентирањето зависи од самите единици кои се наоѓаат во армијата и опремата која им ја даваме – вели Манасиев.

„Вархамер“ е друштвена игра и ќе ве натера да се дружите што е можно повеќе со вашите пријатели. Секако, оној другиот аспект е релаксирачкото склопување на фигурите и нивното боење, како и запознавањето на самата приказна. Компанијата што е производител на „Вархамер“, „Гејмс Воркшоп“ вложуваат многу труд во развивањето на приказната на овој универзум. Издадени се многу книги, на кои работат голем број  автори, а приказната постојано расте. Постојано се менуваат и самите правила за играње, кои „Гејмс Воркшоп“ активно и постојано ги ажурира.

– Моја желба е што поголем број луѓе да се вклучат во неверојатниот свет на „Вархамер 40.000“ како и на „Ерата на Сигмар“ – открива Манасиев.
 
Покрај заинтересираните, кои љубопитно набљудуваа или поставуваа прашања на обожавателите на оваа друштвена игра, многумина беа привлечени од една поинаква глетка веднаш до хаосот на „Вархамер“.

Урбаните легенди и нивните мистерии беа мамка за посетителите на „А1 Гејм фест 2019“ да се заинтересираат за друштвената игра „Урбанон: Прирачник за агенти“ на Марио Савовски, која за првпат беше достапна за тестирање на овој интересен настан. Станува збор за друштвена игра по улоги, каде што играчите се агенти на организација што истражува урбани легенди. Играчите имаат свои ликови и преку нив истражуваат различни аномалии кои се случуваат низ Скопје.

– Учевствувањето на „Гејм фест“ се случи многу спонтано, се вклучив со помош на организаторите кои ми обезбедија простор. Откако ја поставив играта, ме изненади заинтересираноста на голем број љубопитни посетители. Дури и учесниците од косплеј-наптреварот дојдоа да видат за што станува збор. Тематиката на урбаната митологија и урбаните легенди им се допадна, успеавме да одиграме неколку партии. Лесно ги сфатија улогите и механиките на играта. Настанаа навистина интересни ситуации за време на играњето, што воопшто не го очекував – вели Савовски.

Тој додаде дека е презадоволен од дружбата, а поради големата заинтересираност, тестирањето на „Урбанон: Прирачник за агенти“ продолжува во текот на вториот ден од „А1 гејм фест 2019“.

Гораст Цветковски, организатор на настанот и координатор од „Гуд гејминг“ (ГГ) признава дека оваа година иако очекувале дека ќе има многу луѓе, сепак биле изненадени од  големиот број на посетители.

– За „ЦС:ГО“  се пријавија 70 тима, односно 350 луѓе, за „Дота“ се пријавија 300 луѓе, за „Фортнајт“ 200 луѓе. Бројот на вкупно пријавените учесници изнесуваше околу 1.300 луѓе, што е прилично возбудливо и интересно кога станува збор за ваков тип на настан и за мала земја како што е нашата – вели Цветковски.

Според Гораст, оваа гранка е многу кревка и  тазе, а вакви настани ретко се случуваат. „Гејм фест“ е замислен како фестивал што се одржува еднаш годишно, традиционално се одржува на почеток или на средина на месец декември.

Гораст открива дека имаат желба да го направат во форма на целогодишна лига, а не да се одвиваат квалификациите една недела пред настанот како што досега функционирало. Сепак, ваквата идеја, вели тој, е сe уште во зародиш.

В.Т. и И.Б.Р