Песната „Дома“ во изведба на Марија Спасовска со која Македонија ќе се претстави на „Детската евровизија“ во Минск, Белорусија, на 25 ноември, е веќе објавена на официјалниот канал на „Џуниор донг контест“. Музиката и аранжманот се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Песната „Дома“ има топла и хумана порака за сите – секое дете да го најде својот топол дом.
Следејќи ја нарацијата на топлата порака што ја испраќа „Дома“, нашиот етаблиран моден бренд „Елена Лука“ ја креираше комплетната костимографија за спотот во кој Марија носи два костима, со што се дава силен визуелен печат на целата емотивна слика. Едниот костим е инспириран од приказната „Девојчето со кибритчињата“, додека вториот е олицетворение на нежна, бела снегулка, која е всушност метафора за безгрижно и среќно детство. Видеозаписот за песната се снимаше во Македонската опера и балет под режисерската палка на Чедо Поповски.

Марија секојдневно се подготвува вокално со професорката Ана Костадиновска, а за сценскиот настап во Минск, за комплетната кореографија и режија за најдоброто претставување на оваа приказна работи со младата и успешна режисерка Љупка Јакимовска, со која Марија соработуваше и за претходните меѓународни настапи во Витебск на „Славјански базар“, во Москва и други.

За јуниорската евровизија секоја земја-учесничка може да го поддржи и својот кандидат, односно да гласа за својата земја. Онлајн-гласањето ќе биде објавено за време на генералната проба во Минск 24 ноември, а ние ќе го споделуваме преку медиумите за да ја дадеме поддршката за Марија Спасовска.

Првпат на „Детската евровизија 2018“ ќе учествуваат најголем број учесници, вкупно 20 земји од Европа, вклучувајќи ја и Австралија, кои ќе имаат можност да се борат за највисок пласман. Марија знае дека ќе се натпреварува во најсилна конкуренција, но за неа е најважно да им се допадне песната на сите, да остави сценски впечаток, да ја претстави својата земја во најдобро светло.

Настапот во Минск ќе се емитува на МРТ од 17 часот, а за Марија е огромен предизвик и со нетрпение чека да застане пред 15.000 публика во големата арена во Минск, Белорусија.

– Многу сум среќна и на моја огромна чест и задоволство, ќе ја претставувам нашата земја на „Детската евровизија“ во Минск. Подготовките се веќе во тек, работиме со проверен тим и сигурна сум дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло – вели талентираната Марија.