Како и претходните години, крушевчани ќе ги пречекаат маратонците со рози за Тоше. Од влезот на градот до вечното почивалиште на Проески, на Гумење, пред сѐ ќе има млади луѓе

На денешен ден, пред 14 години, Тоше Проески тргна на пат од кој веќе не се врати. Ова е болен датум за сите што го сакаа и почитуваа балканскиот ангел. Во негова чест, по 14-ти пат се организира меморијален маратон од Нова Градишка, Хрватска, каде што тоа кобно утро на 16 октомври 2007 година престана да чука срцето на Тоше, до неговото родно Крушево.
И оваа, како и сите изминати години досега, маратонот го предводи Наум Капричевски. Тој со уште петмина почитувачи на делото на Проески, Тоше Анчев, Никола Гелов, Фидан Арсовски и Александар Митревски, на 14 октомври, во 16.15 часот, положија цвеќе на споменикот изграден во спомен на Тоше во дворот на Електро-техничкото и економско училиште, а потоа во 17 часот го почнаа маратонот кон Крушево, од терените на ФК Слога од ова место.
– Ја имам честа по 14-ти пат да го предводам ултрамаратонот во чест на Тоше Проески, од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, Македонија, од 14 до 16 октомври. Оваа година е во организација на спомен-куќата „Тодор Проески“, а довербата повторно ми е укажана мене, на што сум многу горд. Заедно со другите маратонци и сите што нѐ поддржуваат, наша обврска е ликот и делото на Тоше да продолжиме да ги чуваме и негуваме за навек. Проески, момчето со најмоќниот глас во светот, најголемиот хуманитарец, амбасадор на УНИЦЕФ, најомилениот лик на Балканот, кој беше на чекор до светска кариера, вечно ќе остане во нашите срца – вели Капричевски.
На петте момци, на македонската северна граница ќе им се приклучат уште пет маратонци, кои денеска во 12 часот треба да пристигнат во Крушево.

– Како и претходните години, крушевчани ќе ги пречекаат маратонците со рози за Тоше. Млади луѓе ќе има од влезот на гардот до неговото вечно почивалиште на Гумење. И кога ќе поминуваат маратонците, сите ќе ги оставаат цветовите покрај патот. Сите жители на градот издвојуваат средства за купување на розите, а организатор на маратонот годинава е меморијалниот центар „Тодор Проески“, со поддршка на многу компании од Крушево и од цела Македонија, кои обезбедуваат финансиски средства, вода и храна за учесниците на 14-от ултрамаратон. Бидејќи денеска е предизборен молк, по полагањето цвеќе на вечниот дом на Тоше, нема да има други случувања – вели Сотир Габелоски од Општина Крушево.


Тој дополни дека во тек е и хуманитарна акција во спомен-куќата за собирање пари што ќе се наменат во хумани цели, што ќе трае сѐ до роденденот на Тоше, на 25 јануари следната година. Иако веќе не се организира манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“, неговите обожаватели од целиот Балкан купија телескоп, кој во спомен-куќата го инсталира астрономот Радан Митровиќ на 5 октомври, денот кога балканскиот славеј го одржа својот последен концерт во Скопје, во арената што денес го носи неговото име.

– Бев повикан да го комплетирам телескопот што во чест на Тоше го купија неговите обожаватели и кој ќе може да се погледне како еден од експонатите во спомен-куќата. Навистина голем и убав телескоп, од марката „скај вочер“ – изјави Митровиќ.
Инаку, и денеска во Крушево пристигнаа обожаватели и почитувачи на Тоше од целиот Балкан: од Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија….
– Неговите зборови „Не сакам да ми ја симнувате капата, сакам само да се гордеете со мене“ засекогаш ќе бидат врежани во срцата на сите што имале привилегија да го запознаат лично Тоше или да го следат преку неговата кратка, но богата музичка кариера, но и хуманитарниот ангажман. Зборовите на Тоше „Ве сакам сите“ покажуваат колку беше големо неговото срце и како со своите несебични дела, тој секогаш им помагаше на оние на кои тоа им беше најпотребно – велат луѓето што сѐ уште го чуваат споменот на големата балканска музичка ѕвезда.