Ве покануваме сите масовно да излеземе на крушевските улици во 11.30 часот да ги пречекаме маратонците и да продолжиме заеднички да го чуваме споменот за Тоше, велат организаторите

И оваа година крушевчани со рози ќе ги пречекаат маратонците што трчаат во чест на Тоше Проески од Нова Градишка до Крушево. Тие својата трка ја почнаа во понеделникот, во 15.30 часот, а нивното пристигнување во родниот град на нашата најголема музичка ѕвезда, која токму на овој ден, пред 12 години, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа, треба да пристигнат околу 12 часот.

СОУ „Наум Наумовски-Борче“, со поддршка на општината Крушево и Локалниот младински совет од овој град, како и другите институции: спомен-куќа „Тодор Проески“ и фондација „Тоше Проески“, приватни субјекти и граѓани, го организираа денешниот пречек на учесниците во ултрамаратонот со постелување цветен килим од влезот на градот, па до гробното место на Тоше, на Гумење.

– Секој може да учествува во пречекот така што ќе купи роза и ќе ја остави на патот каде што поминуваат ултрамаратонците, а учесниците ќе бидат распоредени на главната улица на градот. Ве покануваме сите масовно да излеземе на улиците и во 11.30 часот да ги пречекаме маратонците и да продолжиме заеднички да го чуваме споменот за Тоше – велат организаторите.

Овој убав настан почна лани, а крушевчани се надеваат дека ќе стане традиција.
Инаку, во Нова Градишка, Хрватска, маратонците положија венци и запалија свеќи пред споменикот изграден во спомен на Тоше Проески.
Голем број обожаватели на Тоше од целиот регион веќе се во Крушево, а на Гумење, на неговото вечно почивалиште, тие оставаат букети со цвеќе, писма и други предмети.

Освен од нашата земја, таму има негови обожаватели од целиот Балкан, од Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Турција… Повеќето од нив пристигнаа вчера, како што велат, за да го посетат точно во 6.20 часот неговиот вечен дом, во мигот кога престана да чука неговото благородно срце. Исто така тие сакаат да бидат со родителите и со блиските на Тоше во овие тажни денови.
Денеска во Крушево, традиционално, ќе се одржи и хуманитарна крводарителска акција.

И во многу други градови, не само на Балканот туку и пошироко, со разни манифестации денеска се негува споменот на Тоше. Секој на свој начин се сеќава на големиот човек и пејач, кој со своите музички и хумани дела остави неизбришлива трага.