Педесет и тригодишниот Бошко Илиев, лекар-специјалист по спортска медицина од Кавадарци, за 3,45 часа преплива нешто повеќе од 8 километри во Мавровско Езеро

Несекојдневен спортски настан се одржа во водите на Мавровско Езеро. Аматерот, 53-годишниот Бошко Илиев, лекар-специјалист по спортска медицина од Кавадарци, за 3,45 часа преплива нешто повеќе од 8 километри во Мавровско Езеро. Стартот беше под хотелот „Радика“ во селото Леуново, пливаше во правец кон населбата Маврови Анови, контролната точка беше под мотелот „Маврово“, а пристигнувањето бурно го поздравија десетина туристи, кои се забавува на брегот на езерото. Илиев само ги поздрави поддржувачите и продолжи да плива во правец на селото Никифорово, а потоа кон селото Леуново и пристигна на местото од каде што го почна.
– Прекрасно се чувствувам – беа првите зборови на маратонецот Илиев кога излезе од студените и бистри води на Мавровско Езеро.

Според него, условите биле одлични за маратонско пливање.
– Чиста и мирна беше водата, немаше бранови, ниту ветрови, температурата на водата идеална, се движеше меѓу 19 и 21 Целзусов степен, што би посакал секој маратонец. Желбата ми се исполни. Имам план да ги препливам сите природни езера и акумулации во Македонија. Првиот маратон го имав во 2001 година кога успешно ја минав патеката Струга – Охрид. За периодот од 17 години, учествував и успешно ги завршив 47 меѓународни маратони и 14 во Македонија, од кои осум самостојни маратони. Во наредниве два месеца агендата ми е многу набиена и очекувам да ги завршам сите маратонски трки во Хрватска, Србија, Бугарија и во Грција. На официјалните маратонски натпревари имам препливано 230 километри, а над 3.000 км на тренинзите, подготовки за успешен настап на официјални маратонски трки – вели Илиев.
Аматерот, маратонски пливач на езера и мориња, Бошко Илиев, има реален план и очекува во целост да го оствари. Вљубен е во маратонското пливање, како што вели, и ќе плива сѐ додека може да ги издржи напорите, засега не чувствува тешкотии. Впрочем, тоа го докажа и на самостојниот маратон во водите на Мавровско Езеро.
Според Илиев, кога на маратонското пливање има и други учесници пливањето му е повозбудливо, поинтересно и адреналинот е постојано во пораст.
Голема чест и внимание му приредија домаќините, градоначалникот на општината Маврово и Ростуше и националниот парк „Маврово“.

– Доктор Бошко Илиев ни приреди пријатно изненадување и нѐ поттикна во програмата за манифестации на нашата општина од идната година, како атракција да внесеме и маратонско пливање во водите на Мавровско Езеро со повеќе учесници, што ќе побуди голем интерес на туристите што престојуваат во поширокиот туристички регион на Маврово, меѓу љубителите на пливањето во нашата држава. Првиот обид беше успешен, а во наредните години организацијата и пропагандата ќе ја подигнеме на повисоко ниво и очекувам дека ќе направиме нов бренд на туристичката понуда во општина – изјави Медат Куртовски, градоначалник на општината Маврово и Ростуше.