Познатиот македонски астролог Зоран Крстевски предвидува

Познатиот македонски астролог Зоран Крстевски по повод инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, на 20 јануари, направи кратка астролошка анализа на наталната карта на САД, предочувајќи интересни историски совпаѓања поврзани со досегашните американски претседатели.
– Џо Бајден е роден во зодијачкиот знак Скорпија, подзнакот му е во Стрелец, а Месечината во Бик. Плутон (владее со знакот Скорпија) прави дисхармонични аспекти со Марс и Месечината во неговата натална карта, така што 46-от претседател на САД ќе се соочи со сериозни проблеми и искушенија за време на својот политички мандат. Особено треба да внимава во периодите април и јуни 2021, јануари и март 2022 и во текот на февруари 2023 година – посочи Крстевски..
Според него, тешко е да се очекува мирно и хармонично завршување на мандатот на Бајден, кога се знае дека повеќето американски претседатели што биле избрани во годината што завршува со нула, предвреме го завршиле претседателствувањето, односно имале големи искушенија и опасности за сопствениот живот.

– Бидејќи годината кога Џо Бајден победи на претседателските избори завршува со нула, повторно е актуализиран феноменот од историјата на САД. Овој феномен максимално прецизно се манифестирал од 1840 до 1980 година, кога за претседател беше избран Роналд Реган, кој, сепак, за влакно ја избегна смртта, по неуспешниот атентат. Според легендите, се смета дека за смртта на американските претседатели е виновен индијанскиот главатар Техумсех, кому му здодеала „правдината“ на белите луѓе доселеници. Според индијанските верувања, тој една ведра ноќ ги повикал духовите на своите предци и во текот на маѓепсничкиот ритуал ја фокусирал негативната енергија во стрела, преку чие исфрлање, всушност, и го иницирал проклетството, а сето тоа поради злото што постојано му се нанесувало на домородното население. Затоа, претседателите на САД што победиле на изборите што завршуваат на нула ја имале таа несреќа да умрат од природна или насилна смрт, без притоа да го завршат својот политички мандат – открива Крстевски.
За да се конкретизираат овие согледувања, тој направи кратка астролошка анализа на САД, за да се утврди структурата на астралната точка, која всушност ги покажува американските претседатели и нивната политичка работа.

– Во моментот највлијателната земја во светот САД, својата независност ја стекна на 4 јули 1776 година во Филаделфија. Тогаш Сонцето транзитирало во соѕвездието на знакот Рак, додека Близнаците излегувале како подзнак на источниот хоризонт. Во наталната карта на САД има мошне интересни планетарни конфигурации, кои идеално кореспондираат со економскиот и политички развој на таа земја. Имено, поради нагласената положба на Близнаците (Уран и Марс во тој знак), ја согледуваме вештината во манипулацијата со другите земји, променливоста, односно разноликоста на националната структура, способноста за трговија, информатика и филмска индустрија. Сонцето во Рак придонело за „грижата“ кон другите земји и желбата за наметнување на својата политичка и економска доминација. Владетелот на подзнакот Меркур се наоѓа во второто поле (поле на финансии), што укажува на добри финансиски можности, манипулативност на тој план и насоченост на народот кон стекнување материјално богатство. Ориентираноста кон филозофијата и духовноста е недоволно изразена, но затоа пак, поради влијанието на судбинската точка во Лав, спортот, медиумите и сѐ што е поврзано со гламурот, но и лажните вредности, се доминантно поставени во свеста на просечниот американски граѓанин. Одличната конјункција во првото поле (поле на народот) меѓу Венера и Јупитер ги дополнува предиспозициите за финансиска благосостојба, но придонесува и за насоченоста кон пороци, хазард и површен пристап кон животот.

Марс (планетата на војната) се наоѓа на самиот асцедент, што зборува за можностите за влегување во непотребни војни и желба за инволвирање во секакви глобални случувања. Бидејќи Нептун се наоѓа во четвртото поле (поле на татковина) и формира лош аспект со Марс, можностите за граѓански војни се мошне актуелни. Имено, тоа и се покажа во текот на нејзината историја – објаснува Крстевски.