Добитници на годинашната Нобелова награда за физика се Сајакуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Паризи, објави Комитетот за доделување на наградите.
Шведската кралска академија на науките одлучи оваа година да им ја додели Нобеловата награда за физика на тројца научници, бидејќи, како што наведоа, тие дадоа револуционерен придонес во нашето разбирање на сложените физички системи, пренесува „Анадолија“.
Сајакуро Манабе и Клаус Хаселман ќе ја поделат наградата за физичко моделирање на климата на Земјата, квантифицирање на варијабилноста и веродостојно предвидување на глобалното затоплување.
– Манабе покажа како покачените нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата доведуваат до покачени температури на површината на Земјата. Неговата работа ги постави темелите за развој на сегашните климатски модели. Клаус Хаселман создаде модел што ги поврзува времето и климата. Неговите методи беа користени за да се докаже дека покачената температура во атмосферата е последица на емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од луѓето – се вели во соопштението на комитетот.
Наградата му беше доделена и на научникот Џорџо Паризи за откривање на интеракцијата на нарушувања и флуктуации во физичките системи од атомски до планетарни размери.
– Џорџо Паризи откри скриени примероци во неуредни сложени материјали. Неговите откритија се меѓу најважните придонеси за теоријата на сложени системи – се вели во соопштението.
Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија и е вредна 10 милиони шведски круни или 1,1 милион долари.
Нобеловата награда се доделува секоја година за најголемите достигнувања што придонесоа за човештвото во текот на претходната година, а оваа година наградите ќе бидат објавени во Стокхолм, Шведска, и Осло, Норвешка.
Ова се награди за достигнувања во областа на медицината, физиката, хемијата, литературата, економијата и за придонесот во мирот, кои пред 120 години почнаа да се доделуваат во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896).