Оваа зима во кината пристигнува вечниот класик, безвременската приказна за четири млади жени што се борат за сопствениот живот. Станува збор за „Мали жени“, кој се темели на истоимениот роман на писателката Луис Меј Алкот, која се прослави токму со оваа книга.

Под режисерската палка на Грета Гервиг, во почетокот на наредната година ќе погледнеме една малку поинаква верзија на познатата приказна, која ветува многу пријатни мигови за филмофилите. „Мали жени“ е филм што без сомнение ќе ни ги згрее срцата оваа зима, велат авторите на ова дело. Филмот воодушевува не само со содржината туку и со богатата сценографија и костимографија.

Четирите сестри, Мег, Џо, Еми и Бет Марч, ги запознаваме уште како девојчиња и тинејџерки, кои во најчувствителните години останале да живеат сами со својата мајка, која е морален столб на семејството, додека нивниот татко заминал да се бори во американската Граѓанска војна. Вредностите што со воспитувањето им биле вградени во тој период, па и порано, ќе ги следат целиот живот, сѐ додека секоја од нив не се обиде да го пронајде своето место под сонцето.

Улогите на сестрите ги толкуваат: Сеорис Ронан, Флоренс Пуг, Ема Вотсон и Елиза Сканлен, мајката Марч ја игра Лора Дерн, а во улогата на нивната тетка ќе ја видиме повеќекратната добитничка на „оскар“, Мерил Стрип. Главната машка улога му е доверена на Тимоти Каламет.

Приказната за малите жени, саканите сестри што се решени животот да го живеат според сопствените правила, на многумина им ги одбележа детството и младоста. Угледниот „Гардијан“ во 2013 г. книгата ја прогласи за една од најважните за почитувањето на женските права на сите времиња. „Мали жени“ ги соединува генерациите и шири љубов, но и силна порака до сите девојчиња дека можат да постигнат сѐ што ќе посакаат.

Досегашната најпозната филмска екранизација, а ги имаше неколку, е онаа од 1994 година, кога главните улоги ги толкуваа: Винона Рајдер, Трини Алварадо, Кирстен Данс, Кристијан Бел и Сузан Сарандон.