Книжарницата „Петерсфилд“ во Хемпшир, Велика Британија, првпат во својата 100-годишна историја немаше ниту еден купувач, сè додека не се случи тажниот пост објавен на Твитер, кој успеа да ја сврти ситуацијата на подобро и да им обезбеди 1.100 нови следбеници, а тоа истовремено претставуваше и надеж за нови клиенти.
Независната книжарница, која купува и продава антички, користени, но и нови книги и папки, пред неколку дена имаше катастрофален ден – тие не успеаја да продадат ниту една книга, па затоа објавија слики од празни простории на нивниот твитер-профил и напишаа тажен твит за тоа дека немаат ниту еден клиент тој ден, веројатно, првпат во својата 100-годишна историја.

Нивниот пост го споделил славниот писател на научна фантастика Нил Гејман меѓу неговите многубројни следбеници, а многу од нив реагирале доста брзо и почнале да пристигнуваат нарачки од целиот свет. Твитот што предизвика лавина гласи: „Затишје… Ниту една продадена книга денеска… 0,00 фунти“. И тогаш прекуноќ пристигнаа нарачки преку интернет од 1.000 фунти.

– Навистина беше трогателно. Луѓето беа толку љубезни. Ова навистина ќе направи голема разлика. Овие денови работата одеше многу лошо, но навистина беше чудно што не продадовме ниту една книга цел ден – веројатно никој не сакаше да излезе поради времето – изјави Роберт Сансом, кој работи во книжарницата веќе 13 години.

Нејзиниот сопственик, Џон Вествуд, изјавил дека е старомоден и оти не ги разбира социјалните медиуми, па затоа бил шокиран кога открил што се случило. За 24 часа, првичниот пост бил споделен повеќе од 6.000 пати, по што од книжарницата објавиле весел твит: „Каква ноќ! Презаситени сме, но на добар начин. Имаме 1.100 нови следбеници. Имаме мноштво нарачки преку интернет. Имаме над 300 пораки, од кои многу се барања за книги. Ние ќе им одговориме на сите што е можно поскоро, ве молиме да бидете трпеливи со нас. Ви благодарам многу!“