Двете најголеми дискографски куќи во регионот, „Југотон Кроација рекордс“ и „ПГП РТС“, објавија компакт-диск на легендарната Бисера Велетанлиќ, на кој се наоѓаат 20 нејзини песни од богатата музичка кариера. Меѓу најголемите бисери на Бисера е и „Да си мерак песна“, која познатата пејачка ја отпеа на фестивалот „Макфест“ во Штип во 1988 година. Освен незаборавните хитови, некои од песните првпат се објавени на дигитален носач на звук, како „Смејем се без смисла“, „Још једна шанса“, „Јутро ќе променити све“.

– Харизматичната Бисера Велетанлиќ беше голема ѕвезда на бившојугословенската забавна музика. Таа испеа многу хитови со нејзиниот раскошен глас. Музичката кариера ја започна во 1960 г., во емисијата „Микрофонот е ваш“, а три години подоцна со сестра си Сенка настапи во дует на телевизија Загреб. Се редеа фестивалите: „Опатија“, „Вашиот шлагер на сезоната“, „Белградска пролет“, „Загреб-фест“, „Сплит“, МЕСАМ. Освојуваше први награди и, најчесто, награди за интерпретација. Победуваше и на фестивали во Австрија, каде што настапуваше со Виенскиот биг бенд. Пееше во американските клубови во Германија и ја одби поканата од Сара Вон да оди и да пее во Америка. Во времето на најголемата популарност, во 1970-тите, Бисера се обиде и како глумица. Живее во Белград и има статус на истакната уметница – вели Иван Бечковиќ од „Короација рекордс“.

Најпознатите песни во текот на нејзината долга и успешна кариера, освен макфестовската „Мерак песна“ (која пред неколку години, во ново руво, дело на внукот на Бисера – Васил Хаџиманов, ја отпеа Кристина Арнаудова), се и „Златни дан“, „Мило моје“, „Не плачи“, „Ручак за двоје“.