Сиднеј морнинг хералд

Авторка: Хелен Вилијам

Војвотката од Сасекс Меган Маркл призна дека изминатата година била многу „тешка“ за неа како член на кралското семејство и додаде дека нејзините британски пријатели ја предупредувале да не се мажи за Хари.

Поранешната американска актерка изјави дека се обидела да се справи со притисокот од нејзиниот нов живот откако се омажила за војводата од Сасекс лани во мај, со тоа што „не покажувала емоции во јавност“, но не очекувала толкаво внимание од таблоидите. Во документарниот филм „Хари и Меган: патувањето во Африка“ за „ИТВ“ призна дека „било многу тешко и веројатно никој не би разбрал со што се соочува, а воедно и самата таа немала претстава колкаво внимание ќе привлече што самото по себе е несфатливо. Кога прв пат се запознала со нејзиниот сегашен сопруг, нејзините пријатели биле многу среќни поради неа, но британските пријатели ѝ признале дека иако Хари е одличен, сепак не треба да се мажи за него затоа што британските таблоиди ќе сакаат да ѝ го уништат животот“.

Меган (38) изјави дека како Американка, „многу наивно“ не верувала во сето тоа, затоа што не ги читала таблоидите, но на крајот било поинаку. Двојката се соочи со лавина критики откако наводно летала со четири приватни авиони за 11 дена, летоска, наместо да користи комерцијални летови и покрај тоа што се залагале за прашања за животната средина. Пејачот Елтон Џон изјави дека им испратил приватен авион на кралската двојка и нивниот син Арчи „за да задржи високо ниво на потребна заштита“. Тој исто така возврати на критиките за „постојано и лажно валкање на нивниот живот“. Меган го тужи неделното издание на таблоидот „Сан“ за нарушување на приватноста, откако медиумот објави лично писмо меѓу неа и отуѓениот татко.

Хари исто така отвори правна процедура во Високиот суд во однос на наводно незаконското пресретнување на гласовни пораки од страна на новинари од „Сан“ и од „Дејли мирор“. За време на скорашната турнеја на двојката во Јужна Африка, новинарот Том Бредби, исто така, ја праша Меган како се справува со притисокот и што би се случило во спротивно. На ова таа одговорила дека „одамна му велела на Хари оти не е доволно само да се преживува, затоа што тоа не била поентата на животот, туку треба да се биде среќен и навистина се потрудила да го присвои британскиот начин на непокажување на емоции во јавност. И покрај тоа што ваквиот начин за справување делувал многу лошо, таа сепак, никогаш не сметала дека таквиот живот ќе биде лесен. Но, сметала дека барем ќе биде фер, и токму поради тоа тешко ѝ е да ја прифати реалноста, но се навикнува со секој нов ден“.

Бредби истакна дека поради нејзината позиција на привилегии, богатство и слава постојано е под будното око на сите. На тоа Меган одговори дека „кога луѓето кажуваат невистини, тие се свесни, но сепак избираат да се држат до нив и не сфаќа како некому тоа не му пречи, што е многу поразлично од будно следење. Сепак, таа е среќна што покрај себе го имала своето семејство“.

Раздор меѓу браќата

Војводата од Сасекс, Хари, му рекол на новинарот Том Бредби дека со брат му избрале „различни патеки“ и дека имаат „добри и лоши денови“. Хари одговорил на прашањето за гласините за можниот раздор меѓу него и војводата од Кембриџ, Вилијам, откако тој и неговата сопруга Меган се повлекоа од заедничката добротворна организација со Вилијам и Кејт, војвотката од Кембриџ.

Хари изјавил дека „вакви нешта неизбежно се случуваат“ особено кога станува збор за некој што е дел од јавниот живот и е дел од семејство кое живее под голем притисок. Во документарниот филм Хари наведе дека „и покрај сè, тие се браќа. Иако можеби во моментот се движат во друга насока, сепак се тука еден за друг кога е потребно. Можеби не се гледаат често како порано поради обврските, но и натаму се сакаат многу. Иако голем дел од работите се измислици, како и сите браќа, и тие имаат добри и лоши денови“.

Двете кралски двојки повеќе не се „фантастична четворка“, затоа што сега нивната добротворна работа е поделена во две фондации. Откако фондацијата беше поделена на почетокот од оваа година, изворите негираа секакво несогласување и порачаа дека со ваквиот потег, кралските двојки се подготвувале за нивните нови улоги кои очигледно се во различна насока“.

Вилијам и Кејт ќе останат во првичната добротворна организација додека Хари и Меган ќе отворат нова. Од фондацијата изјавија дека двојките ќе продолжат да работат заедно, вклучувајќи ја и кампањата за ментално здравје „Заедно напред“.
Проектот на кралската фондација траеше 16 месеци, која беше основана од страна на Вилијам и Хари во 2009 година за да ги водат нивните добротворни кампањи.

Превод: Билјана Здравковска