Филиповски ја доврши книгата во изминатата пандемиска година, но податоците ги собирал десетина години претходно

Монографијата „Македонски рок-времеплов“ на Тошо Филиповски, музички новинар и неуморен хроничар на сѐ што е поврзано со македонската популарна музика, ѝ беше претставена на јавноста во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотор беше новинарот Мишко Грбевски, кој заедно со Ненад Георгиевски го напиша предговорот на книгата. Ова е негово трето обемно дело, по „Македонска рок-енциклопедија“ и „Македонска дискографија – винили 1958-2019“, кои ги издаде во период од четири години. Издавач е „Корпус деликти рекордс“, а првиот тираж е 500 примероци.
На околу 400 страници книгата ги содржи најбитните датуми во македонската рокенрол-историја хронолошки, за секој ден од годината. Опфатени се музички настани на бендови и изведувачи на: рок, џез, блуз, електроник, хипхоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хевиметал, реге, ска…
– Во „Македонски рок-времеплов“ се запишани, опишани или само споменати концертни настани, родендени, објава на изданија, списанија, фанзини, интересни случки, промоции, смртни случаи, сѐ што ја чини македонската рок-сцена. За сите 366 дена во годината се забележани околу 1.500 настани, со повеќе од 1.000 фотографии. Не е опфатено сѐ, дури е далеку од тоа, ама е убаво кога барем дел е забележано, а преостанатото, во некоја наредна пригода, бидејќи, како што стои и во книгата, ова е нејзин прв том – вели тој.

Филиповски ја доврши книгата во изминатата пандемиска година, но податоците ги собирал десетина години претходно.
– За време на пандемијата, кога практично сѐ застана, најдов сила и време за пишување, за средување на веќе почнатите работи. За мене, оваа книга беше најизискувачка за пишување. Податоците ги имав, но ако за македонската енциклопедија направив биографии за 333 бенда, тука требаше да направам скратени верзии за повеќе од 1.500 настани, по десетина реда за секој. Нема ден во годината што нема барем три настани, а во некои денови се случиле и по 20. Бидејќи бев лимитиран со бројот на страниците, многу случувања не се ставени, морав да ги селектирам, со еден збор, книгата требаше да биде трипати подебела, а се трудев и да не се повторувам со фотографиите. Мислам дека во 95 отсто од случаите сум точен во датумите, што понекогаш беше навистина тешко да се потврди, особено за настани од 1970-тите и 1980-тите. Монографијата е уште еден доказ дека македонската рок-сцена била и е многу активна – вели Филиповски.
Тој дополни дека всушност ова е почеток за идни истражувања.

– Работејќи на книгата, дојдов на идеја ова да прерасне во веб-сајт и датабаза на информации, кои сите би можеле да ги дополнуваат. Всушност, оваа книга треба да биде посредник меѓу сцената и новинарите, кои во иднина ќе ѝ се навраќаат и ќе одбележуваат важни датуми за македонската рокенрол-сцена, а ги има многу. Кај нас тие досега беа запоставени, се надевам дека оваа книга ќе иницира разни случувања, ќе докажеме дека имаме богата македонска рок-историја, должни сме да го зачуваме тоа. Ете, годинава одбележуваме 40 години од постоењето на групата „Мизар“ и 45 години од формирањето на „Леб и сол“, што не смее да се заборави, тоа се настани со кои мора да се гордееме. Исто така, со сѐ што е наведено во оваа и во претходните две книги, кои се раритет и во балкански рамки, не може да се одминат случувањата на македонска рок-сцена, бидејќи се покриени со факти и со релевантни податоци – посочи Тошо Филиповски.