Цели два часа без пауза, како вистински музички професионалци, групата ОГО и Градскиот оркестар со делумна одговорност предводени од солистот, актерот Сенко Велинов, одржаа незаборавен концерт посветен на најголемиот џентлмен на некогашната југословенска рок-сцена и лидер на групата „Идоли“, Влада Дивљан

Под наслов „Маљчики“, во петокот, на сцената на Македонскиот народен театар се одржа незаборавен настан. Цели два часа без пауза како вистински музички професионалци групата ОГО и Градскиот оркестар со делумна одговорност предводени од солистот, актерот Сенко Велинов, одржаа промотивен концерт посветен на најголемиот џентлмен на некогашната југословенска рок-сцена и лидер на групата „Идоли“, Влада Дивљан. Датумот 8 март не беше случајно одбран, имено иконата на југословенскиот нов бран, некогашниот лидер на „Идоли“ со кои го сними „Одбрана и последни денови“ – според „Ролинг Стоун“ најдобриот и највлијателниот албум на просторите на бивша Југославија, кaко солист неколку години по ред ги честеше белграѓани со осмомартовски концерти за дамите.

На прерано заминатиот Влада Дивљан на најубав начин сега му се оддолжија неговите македонски пријатели. Со трибјут-концерт, токму на 8 март, во петокот, тие ја одушевија публиката во големата сала на Македонскиот народен театар, која си замина со „парче“ од времето поминато заедно со музичарите и актерите на сцена, како што порача на крајот од концертот, неповторливиот талент, освен за актерство сега докажан и како одличен вокал, Сенко Велинов.

– Многумина знаат да речат, живееме во време-невреме. Но ние немаме друго време, ова е нашето време. Затоа ви посакувам, кога по концертов ќе се разлееме по скопските улици, да си заминеме дома со парче од времето што тука заедно го поминавме – рече Велинов на крајот на концертот.

Гостин на вечерта беше македонскиот писател Александар Прокопиев, кој е еден од првите членови на групата „Идоли“ од времето на своите белградски студентски години и автор на култната „Ретко те виџам са девојкама“, во чиј заразен постпанк-звук може да се препознае секој што некогаш живеел на овие простори.

Уште поголемо изненадување за публиката, беше тоа што пред настанот не беше откриено кој точно стои зад бендот ОГО и Градски оркестар со делумна одговорност, но многумина ги препознаа членовите од цртежот на маестро Д Мичо: Сенко Велинов, Иван Иванов, Огнен Златанов, Петар Ѓорѓиевски, Дино Зукиќ, Андреа Мирческа.

Во заднина на сцената одеше видео со стари снимки од некогашна Југославија, што уште повеќе го засили југоносталгичарското чувство кај присутните. Концертот, или овој мултимедијален настан, беше насловен по една од најпознатите бившојугословенски песни, „Маљчики“, издадена во 1981 г. од веќе култната белградска група „Идоли“. Песната всушност претставува пародија на соцреализмот, кој по смртта на Тито година порано почна полека да замира. Со текот на времето песната прерасна во голем хит, кој и денес со уживање го слушаме.