Станува збор за водичи во планина што водат клиенти на нетехнички планински терени, каде што не се употребува алпинистичка опрема и не се неопходни алпинистички вештини, односно класично планинарење, вели претседателот на Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), Костантин Циривири

Костантин Циривири, претседател на МАИВП

Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), неодамна, во Попрад, Словачка, беше примена за полноправна членка на Меѓународната унија на професионални водичи во планина (УИМЛА), со седиште во Шамбери, Франција. Станува збор за организација што ги обединува националните здруженија на професионалните водичи во планина што работат според меѓународни стандарди. Тоа се водичи што водат клиенти на нетехнички планински терени, каде што не се употребува алпинистичка опрема и каде што не се неопходни алпинистички вештини, односно се работи за класично планинарење. Најголемиот дел од туристичкиот промет во планинскиот туризам во светот отпаѓа на активностите на ваков нетехнички терен.
Активностите за пристапувањето кон УИМЛА, Македонија ги започнала во 2005 година.

По две години, во 2007-та, добива статус на земја-кандидат, а следната, 2008 година се формира МАИВП, па набргу потоа добива статус на земја аспирант-член. На последното генерално собрание на УИМЛА, на почетокот на ноември во Попрад, МАИВП беше примена за редовна членка.

– Поминавме долг и напорен пат до полноправното членство. Во Македонија во меѓувреме имаше неколку инспекции за мониторинг на процесот на обука, на начинот на полагање на испитите, водење на документацијата, нивото на подготвеност на инструкторите и слично. Сите овие експертизи на УИМЛА ги плати националната организација, а сето тоа чинеше околу 20.000 евра. Тоа за нас беше огромен предизвик, особено ако се знае дека МАИВП досега немала никаква институционална помош, и овој процес беше заокружен благодарение на огромното залагање и волонтерскиот труд на инструкторите, како и на помошта што ја добивавме од нашите членови и поддржувачите на организацијата – вели Костантин Циривири, претседателот на МАИВП.

Што значи членувањето во УИМЛА за Македонија. Кои се задачите, целите и обврските?
– Најважно е што добивме меѓународна верификација за професионален стандард во планинскиот туризам, што претставува гаранција за квалитетот на домашните водичи во планина. Странските туроператори што работат планински туризам најголемо внимание обрнуваат на нивото на подготвеност, односно на стандардот за работа на локалните водичи во планина. Побарувачката за меѓународно лиценцираните водичи ќе порасне, бидејќи странските оператори ќе ги ангажираат овие водичи за водење тури во регионот. Досега МАИВП има обучено повеќе од 150 водичи во планина, според ИМЛ-стандардот, од кои во моментов педесетина се активни. Обуките за нови водичи во планина ги спроведува тренинг-центарот на МАИВП, во кој има петнаесетина инструктори и десетина надворешни стручни соработници. Обуката се спроведува според програма за обука што е мониторирана и одобрена од техничката комисија на УИМЛА. Програмата трае над 870 часа (695 практични и 175 теоретски) со еднодневни, викенд и повеќедневни семинари, при што кандидатите треба да ги сработат самостојно или во помали групи. Обуката се изведува најмалку на три различни планински масиви повисоки од 2.000 метри, во летни и во зимски услови.

Во Македонија официјално не постои зимска горска спасувачка служба, освен нешто слично во рамките на полицијата и во армијата.
– Во Македонија има неколку формални или неформални субјекти што се занимаваат со спасување на планина, но само една организација ги исполнува стандардите на Меѓународната унија за планинско спасување – ИКАР ЦИСА. Тоа е македонското здружение за заштита и спасување на планина и непристапен терен „Асклепиј“ од Скопје, кое е формирано во 2005-та и во кое членуваат алпинисти, планинари и водичи од целата земја. Во рамките на ИПА-програмата на ЕУ во тек е еден прекуграничен проект, преку кој „Асклепиј“ ќе изврши обука на спасувачи во охридскиот регион, а Црвениот крст на Охрид ќе стави во функција 24/7 служба за спасување на планина, која поседува врвна опрема и две теренски возила, а во рамките на оперативниот центар ќе постои и центар за обука.

Планинарството како спорт е во голем подем во Европа и во светот, последниве години така е и во Македонија. Но многумина одат на планина недоволно едуцирани, неподготвени и (не)опремени за тоа што ги очекува. Какви се вашите согледувања?
– Планинарството е во подем поради трендот да се практикуваат спортовите на отворено. Јазот помеѓу бројот на луѓе што одат на планина и луѓето што се добро едуцирани за планинарство постои речиси насекаде во светот. Единствен начин да се крене нивото на знаење на планинарите е едукацијата. Меѓутоа, притоа мора да се врши строго применување на меѓународните стандарди, а не креирање програми според сопствени видувања. Доколку програмата е креирана да ги задоволи суетите на тие што сакаат да се доживуваат како авторитети, а предвид ја немаат реалноста, нормално, не може да се очекуваат добри резултати. Напротив, ќе се добие армија на погрешно обучени луѓе што себеси се сметаат за стручни и продолжуваат да го шират погрешното знаење.

Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) не функционира како што треба. Каков е вашиот став за моменталните состојби во ФПСМ и што би требало да се менува?
– Јас не сум член на таа организација и затоа не би сакал многу да коментирам. Би кажал само неколку факти. Со измените во Законот за спорт од пред неколку години идејата беше таа организација да се трансформира во сојуз на планинарски федерации и во првата фаза сите дотогашни асоцијации преку кои беа организирани спортовите во рамките на планинарската организација, да се регистрираат во спортски федерации (што е задолжително, во согласност со Законот за спорт и принципот „еден спорт – еден клуб – една федерација“). За жал, во 2014 година на одреден начин бевме исфрлени од активностите во таа организација, што, гледано од денешен аспект, нам ни одеше во прилог. Секојдневно среќавам млади луѓе на планина што имаат одлични идеи и кои остваруваат врвни резултати во своите дејности и мислам дека полека но сигурно доаѓа нивното време, без оглед на временските анахронизми и неповолниот распоред на моќта и одлучувањето.


Реновирање на планинарските домови за развој на планинскиот туризам

Инфраструктурата на македонските планини е во многу лоша состојба. За повеќето планинарски домови имотноправните работи се влечат со години, тие полека пропаѓаат, до нив тешко се стигнува.
– Тоа е сериозен ограничувачки фактор за развојот на планинарските спортови и на планинскиот туризам. Меѓутоа, оваа состојба не е настаната прекуноќ, тоа е последица на несоодветниот третман на проблемот во подолг временски период. Мора да се напомене дека и тоа што беше наследено од претходната држава во Македонија не беше во најзавидна состојба. Меѓутоа решението на проблемот нема да го најдеме доколку гледаме наназад, туку само ако гледаме напред. Најдобро е кога се дејствува преку лични примери. Ние како водичи во планина и алпинисти, во изминативе неколку години спроведовме неколку проекти за ставање во функција нови планинарски домови, реновирање на постојните, меѓу нив и пет дома од посебна важност, во Жировница, под Љуботен, во Вешала, под Кобилица и под врвот Магаро, а во план е наредната година да профункционираат уште неколку слични објекти – истакна Циривири.