Виктор Ивановски, студент по анимација на „Шеридан Колеџ“, Канада е дел од екипата што работеше на анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ кој годинава ја освои престижната награда „Ени“ за најдобар студентски анимиран филм, на 47-то издание на манифестацијата „Ени“ во Лос Анџелес.

Македонскиот студент Виктор, заедно со уште десет студенти од „Шеридан Колеџ“ работеа на реализација на филмот, при што Виктор е корежисер, а воедно композитор и интерпретатор на музиката за филмот.

Анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од импозантен број анимирани филмови од целиот свет. Анимираниот филм доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што покрај тоа што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали, филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.

Виктор Ивановски е студент на четврта година на „Шеридан Колеџ“ во Канада кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимација. Тој е и првиот Македонец што освоил ваква престижна награда за анимација. 

„Ени“ е најпрестижната награда за анимација која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува АСИФА-Холивуд, подружница на Меѓународната асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.