„Оооо, оооо, Македонија на Европско… Сите сплотени сме заедно… Оооо, оооо, Македонија на Европско, сите дишеме ко едно“. Вака гласи рефренот од новата песна, насловена „Македонија на Европско“, со која момците од дуото ДНК ќе ги бодрат нашите фудбалски репрезентативци на претстојното Европско првенство.
И не само Панчо и Андреј, поддршка на црвено-жолтите им даваат еден куп колеги – музичари, спортисти, актери, пријатели на ДНК и вљубеници во спортот и фудбалот, кои се дел од уникатното видео, кое зрачи со љубов и желба за победи и што е можно подобар пласман на нашите момци.
– Им посветивме песна на фудбалерите, кои се наши херои, и не само наши, на ДНК, туку на цела нација. Затоа решивме да направиме и вакво видео, во кое буквално целата естрада за првпат е собрана заедно на едно место, во друштво на спортисти, актери… и сите во одлична навивачка атмосфера. И затоа сме им благодарни на сите што имаат свое место во овој видеозапис.

Сакаме навистина и од срце да им се заблагодариме на сите, особено на нашите фудбалери за одвојувањето од нивното време да снимат кратко видео, каде што сите ќе ги видат во едно поинакво светло од она на теренот. Вистински професионалци од прв до последен, вклучувајќи го и селекторот Ангеловски. Особено мора да му се заблагодариме на Илија Несторовски, кој беше главна алка и спојка и кој наедно ги потсетуваше сите навреме да испратат видео – велат Панчо и Андреј.
Како автори на оваа песна се потпишуваат Панчо и Лазар Цветковски, во чие студио и е снимена, продуцирана и мастеризирана „Македонија на Европско“. Видеото, пак, е со потписот на режисерот Владимир Митревски-Ѓуле.
А во спотот премиерно се појавува и подмладокот на бендот, односно новите членови Андреја (10 г.) басист, Марјан (6 г.) тапанар и Јана (5 г.) клавијатури и придружен вокал.
– Веруваме во песната, веруваме во момците и Македонија на Европско – велат момците од ДНК.