Според листата на американскиот магазин „Травел енд лежр“

Македонија е меѓу десетте најдобри дестинации во Европа што треба да се посетат во претстојната 2020 година, според листата од 50 туристички локации на Стариот Континент препорачани од уредниците на американскиот магазин „Травел енд лежр“, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Кортни Лихтерман ја опишува Македонија како место во кое нема големи познати светски синџири, што според магазинот е освежувачко за туристите. 

– Земјата изобилува и е богата со историски знаменитости, како што се Калето во престолнината Скопје, мегалитската опсерваторија Кокино, како и античкиот град Хераклеја Линкестис во предградието на Битола – напиша Лихтерман за „Травел енд лежр“.

Таа вели дека Македонија нема уште долго да остане непозната за туристите. Во 2020 година, Македонија ќе биде домаѓин на фестивалот за храна „Тера Мадре Балканс“, што ќе донесе готвачи и експерти за храна од целиот свет за време на фестивалот, а најверојатно и голем број туристи.

Меѓу десетте најдобри дестинации на листата се најдоа и Виена (Австрија), реката Дуро (Португалија), Клитмулер (Данска), Лил (Франција), Манчестер (Обединетото Кралство), грчкиот остров Парос, Ријека (Хрватска), Тбилиси (Грузија) и бизнис областа на Рим.